Помпео се надева на скорешен нов самит Трамп – Ким

Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави во петокот дека се надева оти новиот самит меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун би можел да се одржи наскоро, за да се оствари напредок во преговорите за остранување на нуклеарниот арсенал на Северна Кореја.

„Се надевам дека наскоро ќе имам можност да се вратам во Пјонгјанг на продолжување на овие пеговори“, изјавил шефот на американската дипломатија Мајк Помпео за телевизискиот канал MSNBC.

На прашањето на каналот Fox News, Помпео оценил дека преостанува уште работа пред одржувањето на вториот самит меѓу двата лидера „за да се постигнат вистински услови и двајцата челници да остварат значителни напредувања“. Додаде, меѓутоа, дека меѓународните санкции наметнати за Северна Кореја ќе останат сé додека оваа земја не се откаже од своето нуклеарно оружје коешто претставува закана за САД.

Како што објави Белата куќа минатиот месец, Ким барал нова средба со Трамп по историскиот прв самит од 12-ти јуни во Сингапур. Тогаш беше соопштено дека Вашингтон е отворен за таквата можнсот и дека веќе се започнати подготовките. По последната средба со Ким Џонг-ун оваа седмица во Пјонгјанг, јужнокорејскиот претседател Мун Јае-ин, изјави за медиумите дека севернокорејскиот лидер сакал непосредна средба со Трамп што поскоро.

Трамп и Ким се сретнаа на историскиот состанок на врвот на 12-ти јуни во Сингапур, кога севернокорејскиот лидер даде ветување за денуклеаризација на Корејскиот полуостров. Меѓутоа потоа Вашингтон и Пјонгјанг се разијдуваат во толкувањето на договореното на самитот и САД се упорни во барањето само Северна Кореја да го изведе од земјата својто нуклеарен арсенал. Северна Кореја ги критикуваше „гангстерските“ методи на Американците, обвинувајќи ги дека сакаат да постигнате нејзино еднострано разоружување без отстапки на секоја поединечна етапа и без попуштење на притисоците и ублажување на санкциите.

Меѓутоа, аналитичарите сметаат дека отстапките што ги направил Ким на самитот со Мун најверојатно го деблокирале овој процес, наведувајќи ја изјавата на Мајк Помпео кој изјави дека е подготвен веднаш да ги продолжи разговорите, следната седмица во Њујорк на маргините од годишното Генерално собрание на Обединетите нации.