Помпео: Северна Кореја веројатно „случајно“ пукала преку границата

e

Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави во неделата дека севернокорејските војници веројатно случајно стрелале кон јужнокорејскиот пограничен пункт, по што војската на југот возвратила на огнот.

Севернокорејските и јужнокорејските погранични единици во неделата рано утрото рамениле оган во пограничната демилитаризирана зона, со што се подигнаа тензиите на Корејскиот полуостров, ден откако севернокорејските државни медиуми објавија дека лидерот Ким Џонг-ун присуствувал на отворање на фабрика што беше неговото прво појавување во јавноста по 11-ти април.

Јужна Кореја возвратила на истрелите од севернокорејската страна, соопшти команданта во Сеул. Информации и коментари за инцидентот во кој немало настрадани засега нема од страна на официјален Пјонгјанг.

„Мислиме дека тоа е случајно. Јужнокорејците возвратиле. Засега можеме да кажеме дека немало загуби на ниедна страна“, рече американскиот државен секретар Мајк Помпео за телевизиската мрежа ABC News.

Помпео притоа одби да коментриа дали има податоци за здравствената состојба на севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун, но го коментираше неговото појавување во јавноста, врз основа на снимките објавени на севернокорејската државна телевизија.

„Се чини дека челникот Ким е жив и здрав … Знаеме дека имаше подолги периоди кога Ким отсуствуваше од јавноста, така што не станува збор за преседан“, додаде шефот на американската дипломатија.

Ким Џонг-ун се немаше појавено во јавноста од 11-ти април кога претседавал со седница на највисокото тело на комунистичката партија на Северна Кореја. Шпекулациите за неговата тешка здравствена состојба, за која известија некои јужнокорејски медиуми и американската телевизија CNN, беа поттикнати и од информациите дека Ким не присустувал на 12-ти април на годишната седница на парламентот – Врховното народно собрание. Исто така и првпат откако дојде на власт не присуствувал на церемонијата во Камсуанскиот дворец на Сонцето, каде на 15-ти април беше одбележана 108-годишнината од раѓањето на неговиот дедо и основач на Северна Кореја, Ким Ил-сунг.