Понеповолна економската состојба на фирмите во јануари

Економската состојба, според раководителите на деловните субјекти, во јануари оваа година, во според со истиот период лани, е понеповолна, а исто таква е и во однос на претходниот месец, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Оценката за обезбеденоста на производството со порачки е понеповолна во однос на претходниот месец. Oценката за обемот на производството во јануари оваа година е понепoволна во однос на претходниот месец, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се поповолни, а очекувањата за бројот на вработени се понеповолни.

Во јануари оваа година, залихите на суровини и репроматеријали, како и тековните набавки на суровини и репроматеријали се под и околу нормалата. Залихите на готовите производи во јануари 2014 година се зголемени во однос на декември минатата година.

Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во јануари 2014 година изнесува 60 отсто од нормалното искористување. Најголемо влијание на ограничувањето на обемот на производството во јануари 2014 година имаат следните фактори: недоволната странска побарувачка со 23,6 отсто, недоволната домашна побарувачка со 17,6 отсто, финансиските проблеми со 10,5 отсто и неизвесното економско опкружување со 10,2 отсто.