Поништен црвениот картон за Винисиус

Поништен е црвениот картон доделен на напаѓачот на Реал Мадрид, Винисиус Јуниор на неделниот натпревар во Ла Лига против Валенсија, кога бил расно навредуван, објави Шпанската фудбалска федерација (RFEF).

Судијата Рикардо де Бургос Бенгоечеа го исклучи бразилското крило во судиското надополнување, бидејќи удри противнички играч по тепачката со играчите на Валенсија. Но судиите во ВАР-просторијата не забележале дека играчот на Валенсија всушност прв го удрил Винисиус, по што Бразилецот возвратил.

Винисиус претходно беше расно малтретиран од навивачите на стадионот „Местаља“, што доведе до прекин на натпреварот на десет минути, бидејќи играчот покажуваше кон луѓето кои го навредувале од трибините.

„Комисијата за натпреварување на RFEF смета дека судиската оценка е одредена со изоставување на целата ситуација којашто се одиграла, што влијаеше на одлуката на судијата“, велат од федерацијата.

Шпанската полиција во вторникот приведе вкупно седум лица обвинети за различни злосторства од омраза против Винисиус.

РФЕФ, исто така, објави дека го казнил клубот со 45.000 евра (49.536 долари) и дека јужната трибина на стадионот на Валенсија ќе биде делумно затворена на пет натпревари.

Валенсија ја нарече санкцијата „несразмерна“ и „неправедна“, велејќи дека им наштетила на навивачите кои не биле вклучени во „срамниот инцидент“. Од клубот додаваат дека ќе се жалат на делумното затворање на стадионот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.