На жената којашто беше осудена на 20 години затвор поради смртта на нејзините четири деца а беше помилувана во јуни годинава, австралиската држава Нов Јужен Велс ѝ ја поништи пресудата во четвртокот, а нејзините адвокати рекоа дека планира да бара „значителна“ отштета.
Кетлин Фолбиг во 2003 година беше осудена за убиство на нејзините три деца и за убиство од небрежност на четвртото дете. Фолбиг тврдеше дека е невина и тврдеше дека децата починале од природна смрт во текот на една деценија, од 1989 до 1999 година.
Првата истрага во 2019 година покажа дека доказите ја поткрепуваат нејзината вина. Но втората истрага која ја водеше поранешниот главен судија Томас Батхарст во 2022 ја преиспитуваше осудителната пресуда, бидејќи новите докази сугерирале дека две од децата имале генетска мутација која можела да ја предизвика нивната смрт.
Главниот обвинител на Нов Јужен Велс, Мајкл Дејли, ја помилуваше сега 56-годишнаа Фолбиг на 5-ти јуни годинава, откако систематизираните наоди на истрагата на Батхарст утврдиле разумно сомневање во пресудата. Тогаш беше и пуштена од затворот.
„Благодарна сум што најновите научни ддостигнувања и генетиката дадоа одговор за тоа како починаа моите деца. Но дури и во 1999-та имавме правни одговори како доказ за мојата невиност. Беа игнорирани и отфрлени. Системот предност даде на обвиненијата, наместо да прифати дека понекогаш деца може да умрат и навистина умираат ненадејно, неочекувано и потресно“, изјави Фолбиг во четвртокот во емоционалното обраќање за новинарите пред кривичниот суд во Сиднеј.
Нејзината адвокатка Рани Рего изјави дека нејзиниот адвокатски тим подготвува барање за „значителна отштета“ поради нејзиното незаконско затворање.
„Не сум подготвена да ја изнесам сумата, но ќе биде поголема од која и да е досегашна отштета“, рече адвокатката.
Случајот, кој се потпира најмногу на посредни докази, предизвика контроверзии меѓу научниците и статистичарите, од кои некои учестуваа во кампањаа за нејзино ослободување од вината и пуштање на слобода.
„Иако имаше нови научни докази (во 2019-та)… од почетокот на судењето не се придржуваа до основните научни начела. Без реформа на законот, ваквите видови правосудни грешки ќе продолжат“, посочи извршната директорка на Австралиската академија на науките, Ана-Марија Арабија.