Пониските царини двојно го зголемија извозот

Извозот во последните десет години е двојно зголемен, како резултат на пониските царини и скратените процедури за увозот и извозот, како и подобрувањето на бизнис климата и влезот на странски инвестиции.

Во периодот 2006-2015 има неколкукратно намалување на царини на барање на бизнис заедницата. Пондерираната ефективна царинска стапка е намалена на 1,75 отсто, што е една од најниските во регионот. Преку укинување и намалување на царинските стапки за суровини и репроматеријали обезбедена е поддршка за земјоделското производство, за прехранбената и кондиторската индустрија, за индустриското производство и за транспортниот сектор. Денес фирмите плаќаат 40 отсто пониски царини споредено со 2006 година, додека по основ на укинати и намалени царински надоместоци дополнително остваруваат заштеди во износ од 12 милиони евра годишно, пишува МИА.

За поддршка на индустриското производство укинати се царинските стапки за 106 тарифни ознаки, кои се однесуваат на центри за машинска обработка, стругови, разни видови алатни машини, преси за обработка на метали и др.

За поддршка на прехранбената индустрија трајно е намалена царинската стапка за увоз на бел шеќер од 30 на 5 проценти. Ова намалување влијаеше на цената на шеќерот во малопродажбата и на намалување на цените на голем број домашни производи кои содржат висок процент на шеќер, како што се кондиторски производи и сокови.

За поддршка на земјоделството укинати се царинските давачки за 36 тарифни ознаки кои се однесуваат на семенски материјал. Исто така, укината е и царинската стапка за мотокултиваторите.

За поддршка на производителите и трговците на земјоделски производи, како и графичката индустрија, се укина царинската стапка за фолии, кои се користат за амбалажи на прехранбени производи, за копир и ласерски апарати, печатари во графичката индустрија и сл.

Укината е и царинската стапка за одредени репроматеријали за производство на резервни делови за автомобили, која порано изнесуваше 15 отсто. Со ова директно се поддржаа индустриските капацитети за производство на автомобилски делови наменети главно за извоз.

За поддршка на транспортниот сектор се намалија царинските стапки за сите видови автобуси и минибуси, од 10 на 5 отсто, а се укина и царинската стапка за товарните вагони со цел поддршка на железницата.

Воведен  е и едношалтерскиот систем ЕКСИМ за дозволи за увоз, извоз и транзит на стоки и тарифни квоти. Овозможено царинење на сите гранични премини. Воведено е 24/7 увозно и извозно царинење на граничниот премин Табановце со Србија и Ќафасан со Албанија (претходно, 24/7 царинење е воведено на ГП Блаце, Богородица, Меџитлија, Ново Село, Делчево и Деве Баир).

Сето ова, според податоците на Државниот завод за статистика, резултираше со раст на извозот, кој од 1,92 милијарди евра во 2006 година порасна на 3,72 милијарди евра во 2014 година.