Поништен и вториот повик за субвенции за евтини летови

Унгарската Визер извиси и на вториот јавен повик распишан од Владата за избор на авиопревозник, чии летови Владата ќе ги субвенционира. Таа и сега била единствена пријавена, но Министерството за транспорт и врски повторно го поништи огласот, откако првиот пат, летово, тоа го стори со образложение дека компанијата имала технички пропусти во тендерската документација.

На последниов повик, пак, Визер понудила сите четири дестинации од охридскиот аеродром да ги воведе дури од август идната година, што е спротивно на еден од критериумите во тендерот.

Во повикот јасно стои дека авиокомпанијата има обврска до 10 јануари 2019 година да воведе две линии од аеродромот во Охрид и уште две во рок од една година од потпишувањето на договорот. Авиокомпанијата Визер понудила сите четири дестинации да ги воведе во август 2019 година. Поради ова, комисијата констатираше дека условите од јавниот повик не се исполнети и даде препорака овој јавен повик да се поништи. Оваа фактичка состојба не ми остава никаква друга можност освен доследно почитувајќи ја  уредбата и јавниот повик повторно да ја поништам и оваа постапка, вели министерот Сугарески.

Сугарески тврди дека стратешки интерес на Владата е да го развие охридскиот аеродром и од тоа не отстапува. Најдоцна за две недели треба да се распише нов јавен повик, со исти критериуми. Ако тој е успешен, Владата предвидува во следните три години да му додели 5 милиони евра на избраниот превозник. Министрот ги повика сите заинтересирани да се пријават, а на граѓаните им порача да бидат спокојни, евтини летови и нови дестинации ќе има, парите се веќе предвидени во буџетите, но правилата мора да се почитуваат.

Реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ, велат дека развлекувањето на постапката е опасност државата да остане без нискобуџетните летови.

Сугарески, пак, ги отфрла сите шпекулации, вели – двете поништувања немаат никаква врска што субвенциите ги почнала претходната власт, а уште помалку, пак, дека тендерот се мести за новоформираната Ер Албанија.

Ниту еден член на оваа Влада, вклучително и јас, немаме ништо компанијата Визер, таа е стабилен и долгорочен партнер на земјава. Таа од 2012 доби 10 милиони евра од нашите даночни обврзници. Ние ги почитуваме нивните интереси и ќе ја продолжиме соработката, тоа е во интерес и на граѓаните, вели Сугарески.

Од Владата досега разговарале со многу компании, но нема конкретен одговор зошто на трендерите се јавува само Визер, министерот вели, не можам да се мешам во нивните деловни одлуки.

Визер сеуште одржува најголем дел од авиолините што ги воспостави во претходните шест години, кога добиваше субвенции, но најави и укинување на две нерентабилни линии.

До подготовката на овој прилог, од Визер нема став како го коментираат поништувањето на последниот повик, и дали ќе се пријават и на третиот.