Понудите за надзор за изградба на коридорите 8 и 10 се отвораат денес

Во Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПД) денеска се отвораат понудите за избор на надзор на изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10 од страна на конзорциумот Бехтел и Енка.

-Денеска ќе се изврши отварање на пристигнатите понуди, по што ќе следи постапката за еволуација на сите овие понуди, за да службите во јавното претпријатие по разгледувањето на документацијата ќе ја разгледаат комплетноста на понудите, а потоа секако ќе биде информирана јавноста, изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, при денешната посета на Свети Николе.

Ова е втор обид за избор на надзор за автопатските делници од коридорите 8 и 10, првиот беше неуспешен, бидејќи фирмата која се пријави на тендерот не доставила банкарска гаранција.

Градежните машини и работници на конзорциумот „Бехтел и Енка“ ќе работат  на четирите делници на Коридорите 8 и 10, а се очекува да стартуваат наредната година. Министерот Бочварски претходно изјави дека прва и најлесна делница од аспект на експропријација на земјиштетот е Гостивар-Кичево, а се очекува најдолго да трае постапката за делницата Требеништа-Струга-Ќафасан, за неа државата ќе мора да добие и мислење од УНЕСКО, бидејќи трасата поминува покрај Охридското езеро.