Пописот заглави во Собрание, ВМРО ДПМНЕ инсистира на подобар предлог

135

Законот за спроведување на пописот „заглави“ при првата собраниска процедура од неговото донесување. Иако за денеска беше закажана комисиска расправа по предлог законот, истата е откажана.

ВМРО ДПМНЕ смета дека е потребно повеќе време за разгледување на нацрт текстот на законот за попис по што ќе изнесат предлози за власта и опозицијата заедно да донесат најдобро можно решение.

„Без да се остави време за една вистинска расправа, тогаш постои можност да се спроведе попис без учество на ВМРО ДПМНЕ“, вели портпаролот на партијата, Наум Стоилковски.

Во СДСМ сметаат дека власта подготвила добро законско решение и ја повикуваат опозициската партијата да се откаже од било какви планови за бојкот на процесот на носење на законот за попис.

За опозициската партијата најспорен дел е можност да се попишуваат лица кои во моментот на попишување нема да бидат присутни во државата, туку преку документ за лична идентификација нивното жителство ќе биде пријавено од блиски личности. За опозицијата ова остава простор за голем број на малверзации и резултати од пописот кои нема да ја отсликуваат реалната бројка на жители во земјава.

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски уверува дека податоците ќе бидат проверувани и никој нема двојно да биде попишан. Според Симовски, за разлика од претходните пописи при овој лицата кои се надвор од државата повеќе од една година ќе може да се попишуваат, но тие нема да бидат впишани во категоријата на вкупно население.

Пописот треба да се спроведе во април следната година. За потребите за спроведување на пописот предвиден е буџет од околу осум милиони евра. Пробен попис ќе се спроведува од петок.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.