Попладне Косово ќе ги објави резултатите од испитувањето за коронавирус кај 90 лица

Косовските здравствени власти информираат дека денеска во 14 часот ќе бидат познати резултатите од тестирањето на примероци од 90 лица за кои постојат сомневања дека е можно да се заразени од коронавирусот, јави дописникот на МИА од Приштина.

Повеќето од испитаниците се претпоставува дека имале контакт со двете лица кај кои вчера беше потврдено присуство на смртоносниот вирус.

Според порталот „Газета експрес“, меѓу овие 90 лица, чии резултати се очекуваат денеска, има и јавни личности.

Во Косово вчера беа потврдени првите два случаја на носители на вирусот Ковид-19. Како што објави министерот за здравство Арбен Витиа, станува збор за 20-годишна италијанска државјанка и 77-годишен косовски државјанин.

Владата на Косово синоќа одржа вонредна седница, на која донесе дополнителни мерки за справување со коронавирусот. Меѓу другото, од денеска се затвораат кафулињата, сточните и авто-пазарите и трговските центри, освен продавниците со прехрамбени намирници и аптеките, а од понеделник, 16 март, ќе се прекинат и сите авиолинии во земјата.