Поплавените подрачја немаат проблеми со струјата

По обилните врнежи во Македонија, како и поплавите кои се појавија поради нив, погодените делови немаат недостаток од електрична енергија.

Од компанијата ЕВН Македонија велат дека за разлика од снегот кој ја направи штетата во западниот дел на Македонија, овој пат нема голема штета и големи дефекти.

„За разлика од пред еден месец кога имавме обилни врнежи на снег и паѓање на стоблови, сега го немаме тој проблем. Сега во поплавените подрачја има само помали дефекти кои нашите екипи веднаш ги санираат. Најчесто имаме исклучување на трафостаниците и пренасочување на мрежата на други делови за да се постават вреќи песок и потоа повторно се уклучуваат“, велат од ЕВН.

Оттаму додаваат дека екипите на ЕВН се постојано на терен и се во непрекината комуникација со градоначалниците од поплавените подрачја, како и со Кризниот штаб. Тие веднаш интервенираат доколку се појави и помал дефект.

Според, ЕВН Македонија, во моментов проблеми со дистрибуција на електричната енергија има во западаниот дел на Македонија, посебно во кичевскиот и струшкиот регион во повисоките села, но екипите на компанијата работат и на овие локации на отстранување на дефектите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.