Поплави во Сеул – најмалку седуммина загинати

Најмалку седум лица загинаа во главниот град на Јужна Кореја Сеул во текот на ноќта, соопштија властите, откако пороен дожд ја прекина струјата и ги поплави улиците и метрото.

Во јужниот дел на Сеул синоќа наврнаа повеќе од 100 мм дожд на час, додека во некои делови од градот паднале 141,5 мм, што е најлошиот дожд во последните 80 години, објавија локалните медиуми, цитирајќи ја Корејската метеоролошка служба (КМА).

Најмалку пет луѓе загинаа во Сеул, а уште две во соседната провинција Геонги, објави денска наутро Централниот штаб за спречување катастрофи и преземање безбедносни контрамерки.

Најмалку девет лица во тие области се повредени, додека шест се водат како исчезнати.

Штабот го помести алармот на највисоко ниво и побара од јавните и приватните организации да го прилагодат работното време.

КМА издаде предупредувања за поројни дождови во главниот град и градското подрачје, како и во делови од провинциите Гангвон и Чунгчеонг.

Таквите предупредувања се издаваат кога се предвидува дека врнежите ќе надминат 60 мм во период од три часа или 110 мм за 12 часа. КМА очекува обилните врнежи од дожд во централниот дел на земјата да продолжат најмалку до среда.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.