Попоски-Даниелсон: Непочнувањето преговори со Македонија го нарушува кредибилитетот на ЕУ

Министерот за надворешни работи Никола Попоски, денеска во Брисел се сретна со генералниот директор на Директоратот за проширување на Европската унија, Кристијан Даниелсон, кој му дал до знаење дека Европската комисија ги алармира земјите-членки на Унијата дека непочнувањето на преговорите со Македонија има сериозна цена за кредибилитетот на ЕУ.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Попоски и Даниелсон, разговарале за неколку најзначајни теми за нашата европска интеграција.
„Од аспект на Комисијата, во прв ред, значајно е да ја задржиме динамиката на спроведување на реформите поврзани со Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД). Во остатокот од поглавјата каде секаде е констатирано дека имаме континуиран напредок низ годините, треба веќе да имаме активности кои се поврзани и со водење на преговори. Во делот на комуникацијата меѓу Комисијата земјите-членки на ЕУ, сметам дека значајно е тоа што ЕК го повторува фактот дека одложувањето на почетокот на пристапните преговори има сериозна цена за кредибилитетот на европската агенда со земјите кои се предмет на проширувањето. Со Македонија, оној принцип на стриктен, но фер третман на земјите-кандидати, навистина е прекршуван веќе подолг временски период,“ вели Попоски во изјава за МИА.
Според министерот, тој и Даниелсон разговарале за тоа како може да се придвижат овие процеси, како најдобро неформаланата Влада на Унијата да се вооружи со аргументи преку континуиран прогрес во клучните поглавја што се поврзани со европската агенда. Тие нотирале дека е потребно да се има зголемен дијалог во следниот период по сите оние теми кои се поврзани со владеење на правото и се значајни во текот на водењето на преговори.
„Директорот на Генералниот директорат за проширување го запознав со покрупните законски решенија кои се во тек на спроведување и сето она што се надеваме да го спроведеме следните неколку месеци. Разговаравме и за перспективата до Самитот на Европскиот совет, каде што мислам дека оценката беше јасно споделена дека просторот за влијание врз Грција е прилично ограничен и многу тешката економска и внатрешно-политичка ситуација во Грција ја прави грчката позиција покомфорна, оти никој нема големо влијание надвор од клучните теми поврзани со средување на нивниот финансиски долг и целокупната економска состојба,“ додаде Попоски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.