Очигледно беше дека изостана одговор од страна на грчките власти при инцидентите што се случија во неделата кај Идомени кога беше спречен масовен насилен премин на мигранти на македонско-грчката граница.
Македонските власти реагираа согласно одговорноста за сопствената територија и одлуките на Советот на ЕУ, изјави министерот за надворешни работи Никола Попоски.
Секоја држава, а тоа е и дел од одлуките на ЕУ треба да ги преземе одговорностите на сопствена територија. Македонските безбедносни сили презедоа мерки за спречување нелегален масовен премин на мигрантите со користење насилство на македонска територија. Тоа е нешто што не сме го одлучиле поради наша лична волја, туку е дел од одлуките што ги донесе Советот на ЕУ. Впрочем за ова прашање јавно се изјаснија и Европската комисија и неколку земји членки. Пораката е многу јасна. Секој треба да си води сметка за сопствената територија и мислам дека многу попродуктивно ќе биде во следниот период, доколку и грчките власти и сите оние кои се наоѓаат на балканската рута, се фокусираат на преземање мерки на сопствената територија и за хуман третман, но и за безбедност во граничните рамки, рече Попоски по состанокот на лидерите од Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека постои простор за подобрување на соработката со Грција и оти таа ќе се продолжи. Според него можни се слични инциденти како оној од завчера и во иднина.
Веројатно беше очигледно дека изостана определен одговор од страна на грчките власти при овие инциденти. Ние не остануваме на тоа дека со вчерашниот инцидент завршува предизвикот. Многу е веројатно дека ќе има многу други вакви предизвици. Но, решението е следно: повлекување на мигрантите во рамки на центрите за прием кои се финансирани од ЕУ и ставени на располагање, продолжување на одлуката за гранично обезбедување и функционирање на планот кој е договорен помеѓу ЕУ и Турција. Друга подобра алтернатива во овој момент ниту од ЕУ, ниту од нас, ниту од Грција, не е дојдена и треба само да се фокусираме на негово спроведување, подвлече Попоски.
Запрашан во врска со бегалците кои се наоѓаат во прифатните центри во Македонија, Попоски рече дека тие треба да бидат опфатени со Договорот ЕУ-Турција.
Во врска со бегалците кои се наоѓаат во Македонија без никакава алтернатива тие треба да бидат вклучени во делот на сите оние мигранти кои се заглавени меѓу грчките острови и Германија, односно треба да бидат дел од договорот кој веќе е воспоставен. За оние кои се легитимни азилобаратели, а во Македонија се дојдени од земја членка на ЕУ да бидат прифатени во таа или во друга земја членка на ЕУ. За оние пак кои не се, мора да бидат предмет на реадмисија односно враќање во нивните земји на потекло. Дали се заглавени во Македонија, во Србија, во Австрија или во Грција третманот треба да биде подеднаков, дециден е Попоски.