Попоски на министерскиот состанок на земјите на Вишеградската група и Западен Балкан

На покана на вицепремиерот и министер за надворешни и европски работи на Словачката Република Мирослав Лајчак, министерот за надворешни работи Никола Попоски утре во Братислава ќе учествува на Министерскиот состанок на земјите од Вишеградската група и Западен Балкан.

Вишеградската група – В4, која ја сочинуваат Полска, Чешка, Словачка и Унгарија, е традиционален поддржувач на европската перспектива на Балканот. Тоа се потврдува и со одржувањето на редовни есенски состаноци на министрите за надворешни работи во формат В4 и Западен Балкан.

Годинешниот состанок во Братислава се одржува под капата на Словачкото претседателство со Вишеградската група. Специјални гости на состанокот се потпретседателот на Европската комисија и иден висок претставник на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини и сојузниот министер за Европа, интеграција и надворешни работи на Република Австрија, Себастиан Курц.

Централна тема на состанокот е евроинтеграцијата на земјите од Балканот –   достигнувањата и предизвиците на патот кон ЕУ, со фокус на поглавјата 23 и 24 од европското законодавство (владеење на правото), економското владеење и регионалната соработка.

Во рамките на посетата на Братислава, предвидено е министерот Попоски да има одвоена средба со својот словачки колега Лајчак, како и одделни разговори со повеќе колеги – учесници на состанокот В4-Западен Балкан.