Попоски: Ние сме за добрососедство со Бугарија, но има и потреба и простор за квалитативно подобрување на договорот

Во однос на нацрт-текстот од договорот кој беше објавен под притисок на критичката јавност во Македонија и пред да се спомене дека тој содржи и добри темели од текстот кој беше подготвуван од страна на работните групи во изминатите години кои направија база на компромиси со оставени четири полиња за оние позиции меѓу кои постои разлика во интересите од македонска и бугарска страна, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ  и поранешени министер за надворешни работи Никола Попоски на  прес-конференцијата во Собранието.

„Треба да се поздрави и македонската Влада која покажа многу голема подготвеност да излезе целосно во пресрет на Бугарија и ќе беше идеално доколку попатно не се оставеше впечаток дека можеби се заоставени македонските интереси. Во однос на интересите како што констатиравме има и заеднички и различни интереси, а во делот на заедничките интереси е тоа што членството во ЕУ и НАТО е она што не спојува и она кон што треба да гледаме. Во однос на различните интереси треба да се спомене дека тие сакаат да ја вметнат заедничката историја со Бугарија која ја нема во декларацијата од 1999 година и уште повеќе на воведување на комисија која ќе стане попатна станица за нашето членство во ЕУ. Воедно и бугарски интерес е давање и гаранција од македонска страна за немешање во внатрешноста на Бугарија, нешто што ние сме се обврзале и во минатото и во нашиот Устав“, рече Попоски.

Попоски истакна дека најчесто споменуваниот успешен модел на помирување поврзан со Европската интеграција, кој многу често се користел и за илустрација на тоа дека е сепак важно да имаме договор помеѓу Македонија и Бугарија е француско-германскиот модел за помирување кој е и основата на Европската Унија.

„Тоа што е значајно да се разграничи во овој контекст е дека Франција и Германија не спорат за историјата. Ниту Франција ја оспорува Германија за посебноста на јазикот или на народот, ниту, пак обратно Германија да ја оспорува Франција за посебност на народ и на јазик. Доколку сме согласни дека ова е моделот на кој се базира европската интеграција, тој модел би требало еднакво да се применува и меѓу денешни земји од кои едната е дел од ЕУ, а за другата Бугарија се обврзала дека ќе ја поддржува да стане членка“, вели Попоски.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.