Викендов на Попова Шапка ќе се одржи „ФИС Сноуборд Купот 2014 ˮ, во организација на Сноуборд Клубот Полар , Скијачката Федерација на Македонија, Елем Турс и Ски Центарот Попова Шапка.
Овој настан е дел од календарот на Светската скијачка федерација (ФИС) и ќе се одржи по 16-ти пат во нашата земја. На натпреварот ќе учествуваат 40 натпреварувачи од Македонија, Србија, Хрватска, Бугарија, Словенија, Босна и Херцеговина, Чешка, Косово и Грција. Натпреварувачите ќе се натпреваруваат во дисциплините Биг ер и Слоупстаел.
Поради големите скокови и изведбите на акробатски вештини, овие дисциплини се многу атрактивни и секогаш се следени од бројна публика, со што Македонија со Попова Шапка би се нашла на мапата на омилени зимски центри, за љубителите на екстремните зимски спортови.
„На Попова Шапка условите за уживање во зимските спортови се одлични, па затоа во соработка со Скијачката федерација на Македонија, Елем Турс и Ски Центарот Попова Шапка решивме да ја покренеме оваа иницијатива се со цел да им понудиме квалитетни и атрактивни содржина на сите бордери со натпреварувачки дух, но и на сите љубители на зимските спортови. Клубот Полар по 16-ти пат во Македонија ќе ја организира оваа зимска манифестација, а за прв пат на Попова Шапка ќе се одржи натпревар во дисциплините Биг ер и Слоупстајл. За потребите на овогодишниот натпревар Сноуборд клубот Полар ќе постави патека која и по натпреварот ќе се користи како промотивен сноу парк, “изјави Кирил Насков од клубот Полар.
Првиот ден (петок) ќе биде тренинг ден, во сабота ќе се одржуваат натпреварите во Биг ер дисциплината на патеката Ајдучка рамнина на Попова Шапка (порано викана Пионир или „Ге“), а во недела на истата патека натпреварувачите ќе ги одмерат силите во дисциплината Слоупстаел.
Севкупниот победник од двата натпреварувачки дена и во машка и во женска конкуренција ќе освои парична награда во висина од 1.000 евра, второпласираните ќе освојат 600 евра и третопласираните 300 евра. Паричните награди ги обезбедија ЕЛЕМ и ЕВН.
Според управителката на ЕЛЕМ Турс, Јованка Стојанова, оваа манифестација ќе придонесе за популаризација на зимските спортови во Македонија и ќе влезе во календарот на планирани активности на туристичкиот центар Попова Шапка и за наредните скијачки сезони. Веќе од наредната сезона, АД ЕЛЕМ почнува со серија инвестициски зафати во туристичкиот центар Попова Шапка вредни околу 30 милиони евра.
Една од интересните новини е почеток на изградбата на “Сноубоард парк”, кој ќе биде според сите ФИС стандарди со можност за одржување на официјални натпревари. Паркот ќе биде со должина од 320 метри и широчина од 65 метри. Ќе бидат поставени 3 линии (патеки), поделени во 4 сектори. Трите линии за почетници, средни и напредни ќе содржат по 4 боксови, 2 скока и по 2 реила. Локацијата на паркот ќе биде на потегот меѓу сегашниот ски-лифт “Бабин извор” или “Аеродром” и двоседната жичарница “Св. Илија”. Се очекува изградбата на оваа интересна содржина за „бордерите” и скијачите да почне летово.