Свет

Популараноста на Макрон на ново рекордно ниско ниво

Популараноста на Макрон на ново рекордно ниско ниво

Популарноста на францускиот претседател Емануел Макрон, како и на неговиот премиер Едуар Филип, падна на ново рекордно ниво, откако протестите на движењето „Жолти елеци“ земаа замав, покажа анкетата на институтот Ifop-Fiducial објавена во вторникот, направена за дневниот весник Paris Match и за радиостаницата Sud Radio.

Популарноста на францускиот претседател паднала на 23 отсто во анкетата спроведена минатата седмица, што е за шест процентни поени помалку отколку на почетокот на ноември, а два отсто помала од средината на минатиот месец.

Како што пишува Paris Match, осум од десет Француи не ги одобруваат политиките на претседателот Емануел Макрон. Како што се нагласува во текстот, симболично овој рејтинг одговара на оној од првиот круг на претседателските избори во Франција во април 2017 година.

Ниската популарност на претседателот е слична на онаа на неговиот социјалистички претходник Франсоа Оланд во 2013 година, кој беше сметан за најниската популарност на француски челник во модерната француска историја.

Популарноста на премиерот Едуар Филип, пак, забележала пад од 10 отсто, и сега изнесува 26 отсто. Притоа во анализата на весникот се наведува дека само 19 отсто од испитаниците веруваат дека премиерот ги разбира проблемите на просечниот Французин, само 27 отсто од Французите имаат доверба во него, а 28 проценти се уверени дека премиерот може да води дијалог, додека 29 отсто веруваат дека е способен да спроведе реформи.

Весникот, исто така, забележува дека рејтингот на партијата од крајната десница, Национално единство, предводена од противкандидатката на Макрон на претседателските избори, Марин Лепен, се зголемила за пет процентни поени и сега изнесува 33 отсто.

Истражувањето било спроведено на 29-ти и 30-ти ноември, на репрезентативен примерок 1.004 испитаници на возраст над 18 години.

Првиот протест на движењето „Жолти елеци“ беше одржан на 17-ти ноември, против зголемувањето на даноците за горивата и од тогаш се проширија и прераснаа во сеопшт бунт против Макрон. Протестите на први декември во престолнината Париз станаа насилни кога демонстрантите уништија делови од Триумфалната капија, а авенијата Елисејски полиња претпре големи штети.