Популарната двојка-Руперт Мардок (91) и Џери Хол (66) се разведува

Медиумскиот магнат Руперт Мардок и неговата сопруга, актерката и поранешен модел Џери Хол, се разведуваат по шест години брак, пишува „Њујорк тајмс“.
Тие се венчаа во 2016 година, две години откако Мардок се разведе од бизнисменката Венди Денг, кога Мардок на Твитер напиша дека е „најсреќниот човек на светот“.

Веста за разводот шокираше многумина, откако парот размени нежности пред камерите минатата година, на прославата на 90-тиот роденден на Мардок. Хол е 26 години помлада од Мардок. Претставникот за медиумите на Мардок одби да ги коментира наводите, додека соработниците на Џери Хол беа недостапни.

Двојката се венча во Лондон во март 2016 година, по пет месеци во врска. Тие организираа, како што тогаш опишаа британските медиуми, скромна церемонија во Спенсер Хаус.

Тоа беше четвртиот брак на Мардок (а сега четврти развод), додека Хол претходно не беше во брак. Таа имаше 22-годишна врска со Мик Џегер, со кој има четири деца. Мардок од претходните бракови има шест деца.

Тој се оженил со својата прва сопруга, поранешната стјуардеса Патриша, во 1956 година. Двојката се разведе во 1967 година, девет години по раѓањето на нивното единствено дете, ќерката Пруденс. Истата година Мардок се ожени со својата втора сопруга Ана, новинарка од Глазгов, со која беше во брак 32 години и имаше три деца. Тие се разведоа во 1999 година.

Ани доби 1,7 милијарди долари по разводот, вклучително и 10 милиони долари во готовина. Само 17 дена по овој разводот, Мардок се ожени со претприемачката Венди Денг, со која беше во брак до 2014 година и имаа две деца. Мардок имал 68 години за време на нивната венчавка, додека Венди само 30.