Поради коронавирусот парламентарните избори во Сирија одложени до мај

Сирискиот претседател Башар ал-Асад во саботата издаде указ со кој парламентарните избори кои требаа да се одржат на 13-ти април се одложуваат за 20-ти мај, се наведува во објавата на Twitter, а како причина се наведуваат превентивните мерки поради опасност од ширење на коронавирусот.

„Во рамките на превентивните мерки коишто владата ги презема за спротиставување на ширењето на коронавирусот, претседателот Асад го издаде указот бр. 86 од 2020 година за одложување на изборот на членовите на Меџлис ал-Шааб (Народниот совет односно сирискиот парламент – з,р.) во третиот состав, закажани за 13-ти април 2020 година, за среда 20-ти мај“, се истакнува во објавата.

Претходно сириските власти соопштија дека во земјата разорена од деветгодишната војна не е официјално пријавен или потврде ниеден случај на зараза со новиот коронавирус. Покрај тоа, сите тестови земени од лицата кои биле сомнителни на коронавирусот биле негативни.

И покрај тоа, владата во Дамаск во петокот објави дека до 2-ри април се затвораат сите училишта и универзитети во земјата. Нареди и запирање на сите научни, културни, општествени и спортски активности. Верските власти, пак, до 4-ти април ги откажаа седмичните петочни молитви и сите групни молитви во џамиите.