Поради недисциплина и алкохолизираност, вратени двајца припадници од НАТО мисијата на АРМ во Косово

Во текот на вчерашниот ден, во Македонија биле вратени двајца припадници на АРМ кои покажале непрофесионализам и ја нарушиле дисциплината во базата на КФОР, дознава НетПрес.

Ова е уште еден показател дека при селекцијата на припадници за мисии во странство не се запазуваат потребните критериуми и проверки.

Од Генерал штабот на Армијата и Министерството за одбрана потврдуваат дека се вратени двајца војници поради непрофесионално однесување.

„Причината за предвременото враќање на овие двајца припадници е поради непочитување на предвидените стандардни оперативни процедури и норми за однесување на секој припадник на мисијата, како и предвидените правила и норми на однесување и нарушување на угледот на Армијата на Северна Република Македонија од страна на нејзините припадници“, истакнуваат од ГШ во одговорот на нашите прашања во врска со овој случај.

Потоа се наведува дека за ова е известена министерката Радмила Шекеринска, на 15 април, а веќе наредниот ден е донесено решение според кое двајцата припадници на Армијата 10 дена порано се враќаат во Македонија.

Од ГШ најавуваат дисциплинска постапка против недисциплинираните војници во мисијата на НАТО во Косово.

„ГШ на Армијата остро го осудува секој облик на непрофесионален и непримерен облик на однесување вон пропишаните стандарди и норми од страна на кој било армиски припадник каде било и во кое било време, особено при изведувањето на задачи во мисиите“, истакнуваат од ГШ.