Поради нелинеарен раст и развој на туризмот Охрид и државата од осамостојувањето до денес загубиле шест милијарди долари

397

Градот Охрид генерално остварува приходи од туризмот како стопанска дејност, но реализираните приходи се далеку помали од можните. Тоа го покажуваат податоците од Анализа на економското влијание на туризмот во Општина Охрид, изготвена од експерти од Факулетот за туризам и угостителство.

На денешната презентација беше појаснето дека во Анализата се направени пресметки на приходи по основ туризам, реализирани приходи од домашни туристи, приходи остварени од странски туристи, учество на приходите генерирани од туризмот во БДП. Изготвена е и меѓусекторска анализа со пресметки за влијанието на секторот, односно колку туризмот генерира дополнителни приходи во останатите гранки на националната економија, како и проценка на јавните давачки што по основ на туристички ноќевања можат да ги прибираат туристичките центри и државата.

Резултатите од анализата покажуваат дека наспроти природен линеарен раст на развој, кај нас туризмот заостанува зад поширокиот регион на јужно средоземие што резултира со остварени приходи далеку помали од посакуваните.

– Нашите проценки се дека во периодот од 2000 до 2017 година по основ туризам се генерирани некаде две милијарди долари приходи, но истовремено се загубени околу три милијарди долари. Тоа е сериозна сума. Ако се земат предвид индиректните ефекти или обртот што може да настане во националната економија, доаѓаме до некаде шест милијарди долари загуба, рече проф. д-р Александар Трајков, продекан на ФТУ и дел од екипата што ја изготвија анализата.

Тој појасни дека загубата е на основ на намален извоз на туристички услуги односно намалување на бројот странски туристи во домашната економија, но нагласи дека во студијата не се анализирани факторите што довеле до таквите загуби туку само економскиот импакт. Како фактори тој посочи безбедносни кризи, политички случувања, надворешни фактори кои конкретно негативно влијаат врз туризмот како стопанска дејност, а генерираат загуби во националната економија.

Проф. д-р Цветко Андреески од своја страна истакна дека изготвената студија методолошки ги опфаќа економските аспекти на развојот на туризмот во Општина Охрид и во комбинација со други анализи и податоци може да се користи во иднина како насока на активностите за унапредување на туризмот како стопанска дејност важна за градот.

– Направена е меѓусекторска анализа за влијанието на туризмот врз различните стопански гранки како транспорт, земјоделство, трговијата, така што тоа ќе биде добра основа за воведување мерки за развој на туризмот, рече тој.

Што се однесува на досегашните мерки за унапредување на дејноста, Андреески рече дека субвенциите за привлекување странски гости даваат резултати, дека од нивното воведување во 2011 година до денес двојно е зголемен бројот ноќевања на странски гости. Смета дека треба да се зголемува бројот авионски летови до Охрид поради високо позитивната корелација на бројот пристигнати патници на охридскиот аеродром со бројот регистрирани туристи, а истовремено укажа и на потребата од ревидирање на политиката на субвенционирање, со слични мерки и за привлекување повеќе домашни туристи.

Професорот Наумче Мариноски нагласи дека туризмот е мошне сложена стопанска дејност, подложна на надворешни влијанија, сектор чии падови и подеми не секогаш се последица на чисто економски фактори.

– Определени случувања, појави, надворешни влијанија, чисто неекономски фактори понекогаш многу влијаат врз туризмот, можат целосно да ги анулираат сите можни емитивни карактеристики на туризмот, рече Мариноски.

Тој посочи дека и многу други ситуации можат да бидат надворешни фактори што негативно се одразуваат врз економскиот импакт од туризмот, како антипромотивни активности поради конкурентност на околните држави, некои навидум маргинални констатации во медиумите како примиерите на објавени написи за загадена вода во езерото, појава на змии во езерото и слично.

За актуелната ситуација со прогласената пандемија на корона-вирусот рече дека рапидно ќе се одрази врз светскиот туризам, но и на туризмот во Охрид кој е дел од комбинираните балкански тури што беа интересни за туристите од Кина.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.