Поради низа инциденти во автобусите на ЈСП, од Ченто до Стајковци, Стефковски бара полициско присуство

Во изминатите неколку денови континуирано се случуваат инциденти во автобусите на ЈСП и поради тоа, градоначалникот на Гази баба, Бобан Стефковски, утрово најави дека ќе се преземат низа мерки за надминување на состојбите, соопштија од Општината.

Во објава на својата официјална страна на фејсбук, Стефковски напиша:

-Изминатите неколку денови во континуитет се случуваат инциденти во автобусите на ЈСП кои поминуваат од Ченто, преку Сингелиќ до Стајковци. Во инцидентите се повредени ученици, деца жители на тој дел од општина Гази Баба. Како градоначалник, а вооедно и претседател на Советот за превенција на општина Гази Баба закажав седница на Советот за 19.09.2022 година (понеделник) на која се поканети претставници од Месната заедница Сингелиќ и Месната заедница Стајковци како и преставници од надлежни институции кои по функција се членови на Советот. На таа седница ќе предложам мерки и заклучоци за надминување на состојбата.
Воедно, денес одржав средба со преставници на Месната заедница Стајковци на која ги информирав за преземените дејства од моја страна, а со цел превенција од вакви случувања во следниот период.
Утрово испратив допис до Полициската станица од општа надлежност Гази Баба во кој побарав зголемено полициско присуство во критичниот период на полициски службеници во самите автобуси на ЈСП Скопје.
Јавно апелирам до младите но и нивните родители, да се разговара и вакви случувања во иднина да не ни се повторуваат. Апелирам и до Министерството за внатрешни работи да преземе соодветни мерки со цел расчистување на изминатите настани но што е и најважно превенција од идни вакви и слични немили настани.
Јас, како градоначалник на општина Гази Баба ќе сторам се што е во моја надлежност со цел превенција од вакви немили настани, но и заштита на жителите на општина Гази Баба кои го користат јавниот превоз. – напиша Стефковски.