Поради обвинението во Хаг, откажана средбата меѓу Тачи и Вучиќ во САД

Специјалниот претставник за дијалогот меѓу Србија и Косово, Ричард Гренел, ја одложи средбата во Белата куќа, претходно закажана за в сабота, на 27 јуни, откако косовскиот премиер Авдулах Хоти денеска го извести дека нема да дојде.

Гренел на социјалната мрежа Твитер објави дека ја разбира одлуката на косовскиот премиер да не доаѓа во Вашингтон и додаде дека работи на промена на датумот на состанокот.

„Ние ја разбираме вашата одлука и очекуваме наскоро да организираме нов состанок“, напиша американскиот дипломат на Твитер, додавајќи го објавувањето на Хоти на истата социјална мрежа.

Косовскиот премиер најави дека не може да присуствува на состанокот на делегациите на Србија и на Косово на 27 јуни во Белата куќа.

Хоти на Твитер напиша дека, поради ситуацијата предизвикана од обвинението на Специјалното обвинителство против Хашим Тачи и Кадри Весели, го известил специјалниот пратеник дека не може да присуствува на состанокот.

„Поради новите случувања во Приштина со обвинението поднесено од Специјалното обвинителство, морам да се вратам во мојата земја за да се справам со ситуацијата. Јас го известив амбасадорот Гренел дека не можам да присуствувам на состанокот на 27 јуни во Белата куќа”, се вели во соопштението на косовскиот премиер на Твитер