Поради пандемијата 100 милиони нови сиромаси во градовите

26

Околу сто милиони луѓе во градовите ширум светот поради пандемијата на коронавирусот веројатно ќе завршат во сиромаштија, оценуваат стручњаците за урбанизам и повикуваат на идентификување на ранливите заедници и повеќе вложувања во сиромашните квартови.

Густо населените градови без соодветни канализациски системи, со слабо снабдување со вода и слаба здравствена инфраструктура, во кои луѓето живеат во бедотија, особено се тешко погодени од пандемијата од вирусот SARS-CoV-2, предупредуваат експертите од Институтот за светски ресурси (WRI) при Светската банка.

„Во градовите мораме да се сосредоточиме на оние на коишто најмногу им е потребна помош, сиромашните и другите ранливи групи се сериозно погодени“, вели Самех Ваба, глобален директро на Светската банка за урбанизам и управување со ризиците од катастрофи.

„Нашата процена е дека поради губењето на работните места и приходите како последица од коронакризата, ќе имаме до 100 милиони нови сиромаси“, вели Ваба.

Предупредува дека градовите следната 2021 година може да очекуваат пад на приходите од 15 до 25 отсто, поради што властите ќе имаат тешкотии во настојувањата да ги подобрат условите за живеење во населбите со сиромашно население.

Светската банка настојува со мапирање на ранливите заедници, со помош на вештачка интелигенција, сателитски снимки со висока резолуција и 3Д снимки, да ги утврди областите со заеднички пумпи со истечна вода и јавни тоалети или подрачјата во коишто поради пренаселеност е тешко да се одржи социјалното дистанцирање. Досега мапирани се Каиро, Киншаса и Мумбаи.

Без овие податоци, помошта не стасува во сиромашните квартови, предупредува актвивистката Шила Пател. Ани Дасгупта од WRI истакнува, пак, дека допирот до ранливите заедници во текот и по пандемијата, јасно покажува колку водата, здравјето, домувањето, превозот и економијата се поврзани.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.