Поради прелет на израелскиот простор, Либан не дозволи слетување на турски авион

Либанските власти одбиле да дозволат слетување на турски товарен авион на бејрутскиот меѓународен аеродром „Рафик Харири“, бидејќи во текот на летот го користел израелскиот воздушен простор, изјави во саботата за агенцијата DPA, претставник на аеродромските власти.

„Управата на аеродромот спречи слетување на турски товарен авион на аеродромот во Бејрут бидејќи го прелета израелскиот воздушен простор“, изјавил директорот на бејрутскиот аеродром, Фади ал-Хасан, повикувајќи се притоа на либанскиот закон.

„Тоа беше грешка на турската страна…. аионот ги прелета окупираните територии“, изјавил во петокот ал-Хасан додавајќи дека со турските власти немало дополнителни проблеми.

Авионот на компанијата „Turkish Airlines“, водечката турска воздухопловна компанија, во петокот полетал од јорданската престолнина Аман и продолжил со летот кон либанскиот главен град Бејрут, појасни портпаролот на воздухопловната компанија, додавајќи дека не е јасно поради што пилотот ја избрал израелската воздушна рута.

Откако на авионот му било оневозможено да слета на аеродромот во Бејрут, го продолжил летот кон трускиот град Анталија, додаде портпаролот на „Turkish Airlines“.

„Авионот доби дозвола за слетување на бејрутскиот аеродром подоцна во петокот, а предуслов за тоа беше некористењето на израелскиот воздушен простор“, додаде.

Авионот сѐ уште се наоѓа во Бејрут и треба да полета назад кон Истанбул.

Либан и Израел официјално се во војна, а долж границата меѓу двете земји растат тензии меѓу либанската шиитска организација Хезболах и израелската војска.