Поради санкциите на ЕУ од ноември Србија нема да може да увезува нафта од Русија

Србија, поради новиот пакет антируски санкции на Европската унија, од ноември годинава нема да може да увезува нафта од Русија којашто се испорачува со танкери во Хрватска а потоа на преработка се транспортира преки Јадранскиот нафтовод (ЈАНАФ), предупреди во вторникот српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Од први ноември нема да можеме да увезуваме руска нафта, а којзнае какви санкции ќе бидат усвоени пред тоа“, појасни Вучиќ.

Српскиот претседател истакна дека во Обреновац, каде што се наоѓа термоцентралата „Тент-А“, дневно се трошат 350 тони мазут поради тоа што тамошниот „јаглен не е доволно сув и квалитетен“.

„Неопходно е да се обезбеди мазут. НИС (компанијата за рафинирање при Нафтената индустрија на Србија) нема доволно резерви, треба да се увезат 20.000 тони, сметајте дека се потребни 120.000 тони за целата зима“, прецизираше Вучиќ.

На почетокот од мај српскиот претседател изјави дека во блиска иднина е тешко возможна диверзификацијата во снабдувањето со гас и нафта од алтернативни правци на оние кои доаѓаат од Русија.

Според Вучиќ, во април годинава НИС, во кој удел од 65,15 отсто имаат руските енергетски компании „Газпром“ и „Газпром нефт“, повеќе од 60 отсто од суровините потекнувале од Русија, бидејќи руските енергенси се поевтини од другите на меѓународните пазари. Притоа, Србија нема можност да добавува нафта со танкери преку Црното Море и Дунав, а со воведувањето на шестиот пакет санкции на ЕУ, кој го забранува увозот на руската нафта со танкери, ситуацијата за земјата ќе се компликува.

Претходно хрватскиот државен оператор на Јадранскиот нафтовод (ЈАНАФ) најави дека ќе продолжи да го снабдува српски НИС со суровини и истекувањето на санкциите на ЕУ. Во јануари НИС и ЈАНАФ потпишаа нов годишен договор за испорака на 3,2 милиони тони сурова нафта.