Поради секс скандaл, одложена Нобеловата награда за литература

Шведската академија годинава нема да ја додели Нобеловата награда за литература. Одлуката на академијата доаѓа откако на почетокот на април се создаде раздор, по кој следеа серија оставки поради обвиненијата за сексуално злоставување од страна на францускиот фотограф Жан Клод Арно, сопруг на поетесата и член на академијата, Катарина Фростенсон. Таа заедно со тогашниот секретар на Академијата Сара Даниус поднесоа оставка откако 18 жени го обвинија нејзиниот сопруг дека сексуално ги злоставувал за време на проект финасиран токму од шведската академија.

Одлучивме да не ја доделиме наградата годинава и таа одлука беше донесена по долги и интензивни дискусии. Заклучивме дека меѓународната довербата во Шведската академија е многу ниска и тоа е клучната причина поради која одлучивме да не ја доделиме наградата, вели новиот секретар на академијата Андерс Олсон.

Дел од членовите на комитетот бараа да се одржи традицијата и наградата да биде доделена, но мнозинството сепак одлучи спротивно. Наградата за 2017 ќе биде доделена идната година, заедно со наградата за 2018 година.

Ќе биде штета да не ја доделиме Нобеловата награда само затоа што некои луѓе ја напуштија академијата. Нобеловиот комитет е комплетен, вели членот на академијата Кристина Лаан.

Повеќето членови на академијата побараа таа да се реформира, да се воведат измени во нејзиниот статут, да се подобри комуникацијата со јавноста и да се искорени непотизмот.

Во својата историја, освен за време на двете светски војни наградата не била доделена само во 1935 година, затоа што комитетот не пронашол достоен лауреат.

Инаку ова е прв пат по  70 години да не биде доделена нобеловата награда за литература.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.