Поради штрајкот на земскиот персонал со барање за обновување на колективниот договор, во саботата беа откажани илјада летови со полетувања и пристигнувања на италијанските аеродроми.
Во Белгија, во саботата и неделата се откажани вкупно 120 летови од аеродромот „Шарлроа“ поради штрајк на пилотите на „Ryanair“ кои протестираа поради условите за работа.
Околу 250.000 домашни и странски патници беа погодени од прекинот на работата идд страна на италијанскиот персоналот кој работи на земја во саботата меѓу 10:00 и 18:00 часот. Тие одговорија на повикот на синдикатот за штрајк. Тие бараат од работодавците да потпишат нов колективен договор кој истече пред шест години.
Околу 200 летови беа откажани на аеродромот „Фјумичино-Леонардо да Винчи“ во Рим, вклучувајќи ги и оние за Копенхаген, Стокхолм, Барселона и Палма де Мајорка, како и за Палермо и Катанија.
Неколку авиокомпании беа особено погодени, меѓу кои се „ Malta Air“, која оперира со линии во име на „Ryanair“, „Ita Airways“ (поранешната државна „Alitalia“) и „Vueling“, чиишто пилоти одлучија да се приклучат на штрајкот.
Речиси 150 летови се откажани на двата милански аеродроми „Линате“ и „Малпенса“, околу триесет во Торино-Казел и исто толку во Палермо.
Министерот за транспорт Матео Салвини ги повика штрајкувачите на „здрав разум“ и побара од нив да не го одолговлекуваат штрајкот за да не „предизвика штета на милиони други работници, како и на туристите“.
Околу 10.000 патници кои требаше да полетаат од белгискиот аеродром „Шарлроа“ овој викенд и исто толку кои требаше да слетаат таму беа погодени од штрајкот, изјавија аеродромските власти за AFP.
Пилотите на „Ryanair“ со седиште во Белгија ја критикуваат компанијата дека не сака да го почитува колективниот договор кој обезбедува слободни денови во замена за намалувања на платите одобрени во 2020 година во услови на криза со ковид-19.
Синдикатот на пилотите ја обвинува ирската компанија дека не се придржува кон белгиското законодавство и дека напредува благодарејќи на „социјалниот дампинг“ што создава нелојална конкуренција за другите компании.