Силниот ветер што го зафати денеска скопскиот регион, уништи неколку автомобили во Скопје врз кои паднаа урнати дрвја.
Силниот ветер однесе и контејнер сред улица на Партизанска во Скопје. Случаен минувач го „прибра“ контејнерот од улицата, по што спречи евентуални инциденти во сообраќајот.
Јавното сообраќајно претпријатие информира дека жичарницата нема да работи. Причината како што велат е силниот ветер. „Почитувани, Ве информираме дека Жичарницата нема да почне со работа во вообичаениот термин од 10 часот, поради силниот ветер. Јачината на ветерот ги надминува дозволените граници како објектот би функционирал непречено и безбедно“, велат од таму.
Според прогнозите на УХМР во Скопје денеска ќе има променливо облачно време со засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 9 степени. И утре ќе се задржи студено време со умерен до засилен северен ветер. Во наредните денови времето ќе биде стабилно со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст.