Поради сомневање за политичко влијание, се бара независна истрага за несреќата кај Ласкарци

Поради сомневање за политичко влијание врз истрагата за автобуската несреќа кај селото Ласкарци се бараа во утврдувањето на причините за сообраќајката да се вклучи независна институција, но и да се формира собраниска анкетна комисија која што би ја надгледувала истрагата. Ова го побара денеска пратеникот на Алијанса за Албанците, Сурија Рушиди поради, како што тој тврди, поврзаност на сопственикот на компанијата „Дурмо турс“ со ДУИ.

Рушиди вели сите одговорни за трагичната несреќа мора да се соочат со лицето на правдата, но според него, во прашање се доведува дали има услови за тоа да се случи

„Поради информациите кои се појавија во изминатиот период во јавноста дека сопственикот на транспортното претпријатие ’Дурмо турс’ е близок до структурите на ДУИ, е главен финансиер на нивните кампањи во Гостивар и мајќи предвиде дека под неговото претпријатие е и центарот за технички преглед во Гостивар, имајќи предвид дека директор на Бирото за судско вештачење е кадар на ДУИ имајќи предвид за фактот, за нас неразбирлив, дека пред неколку дена е изорано местото каде се случи несреќата ние бараме целосна транспарентна процедура за расветлување на овој случај“, вели Рушиди.

Партијата на Зијадин Села смета дека е неопходно вештачењето на автобусот треба да го направи независна институција. Се бара и од претседателот на Собранието да формира анкетна комисија која ќе помогне овој случај во целост да биде расветлен.

Несреќата со автобусот на „Дурмо турс“ се случи минатиот четврток во близина на селото Ласкарци кога возилото поради засега неутврдени причини излетало до автопатот и завршило во нива. Од повредите здобиени при несреќата на самото место загинаа седуммина, додека уште осуммина од патниците им подлегнаа на повредите во болница.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.