Поради сообраќајна незгода на патниот правец Демир Капија – Неготино сообраќајот се пренасочува по стариот пат, информираат од АМСМ.
Од денес ќе отпочне со примена времениот режим на сообраќај во летниот период од 01.07 до 31.08 на државните патишта во Република Македонија со кој се забранува движење на тешки товарни возила чија вкупна маса преминува 15 тони за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.
Временските интервали се следни:
петок : 17:00 – 22:00 часот,
сабота : 09:00 – 18:00 часот и
недела : 09:00 – 22:00 часот.
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забранaта ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе,хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
ЗАБРАНА ЗА ТЕШКИ ТОВАРНИ ВОЗИЛА на магистрален пат А2 :
Од 01.07.2016 година (петок) ќе отпочне со примена времениот режим на сообраќај во летниот период од 01.07 до 01.09 на магистрален пат А2 делница: Скопје-Охрид-Скопје со кој се забранува движење на тешки товарни возила чија вкупна маса преминува 7,5 тони за време на викендите.
Временските интервали се следни:
петок : 15:00 – 22:00 часот,
сабота : 07:00 – 12:00 и 18:00 – 24:00 часот и
недела : 07:00 – 22:00 часот.
Сообраќајот на сите државни патишта во Македонија се одвива без забрани, по суви коловози.
АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Поради високите температури препорачуваме патување во раните утрински и вечерни часови. Правете почести одмори и конзумирајте повеќе безалкохолни пијалоци.
Од градежната фирма А.Д. Илинден- Струга известуваат дека на Државниот Пат А3 делница Ресен- Буково, се извршуваат градежни работи, рехабилитиација на патниот правец, кои е предвидено да траат до Ноември 2016 година. Поради тоа, на наведената делница се применува изменет режим на сообраќај кој на одредени делови се одвива по една коловозна лента за што се поставени семафори кои предвидуваат застој во сообраќајот од 3 до 5 минути.
Од градежната фирма Гранит известуваат дека на ден 20.06.2016 година (Понеделник) со почеток во 12:00 часот ќе се воспостави времена измена на режим на сообраќај на магистрален пат А3, делница клучка кај с.Кадрифаково – клучка кај с.Три Чешми. Пренасочувањето на сообраќајот е по регионалниот пат Р526.
Од градежната фирма КЕДИНГ известуваат дека на патниот правец Гостивар – Кичево на 2 км пред планинскиот премин Стражa, поради изведување градежни работи (санација на мост) сообраќајот се одвива по една коловозна лента. Поставена е соодветна сообраќајна и светлосна сигнализација.
На патниот правец А1 автопат Велес – Скопје пред наплатната станица Отовица се извршуваат градежни работи на пат – изградба на краци за приклучување и исклучување на автопатот. На самото место поставена е соодветна сообраќајна сигнализација и се препорачува крајно внимателно управување со возилата, почитување на сообраќајната сигнализација и прилагодување на брзината спрема условите на патот.
АД Гранит известува дека поради продолжување на градежните работи на делот од трасата на патниот правец А3 Битола – Макази и добиеното одобрение за времена измена на режимот на сообраќајот, пренасочувањето на сообраќајот од бензинската пумпа на Лукоил до клучката за с. Ротино и понатаму продолжува со важност.
Според сообраќајниот проект тех.бр.155/2015 за времена измена на сообраќајот на патен правец Скопје – Миладиновци – Куманово сообраќајот се одвива (десно после наплатна станица Миладиновци) преку автопатот Куманово – Велес се до клучката кај аеродромот Александар Велики до приклучокот на автопат Велес – Куманово.
Согласно Одобрението за времена измена на режим на сообраќај издадено од Министерството за транспорт и врски, од 14.12.2015 год., 11-уп-134/4, на магистрален пат A3б/A4е, делница Кадрифаково – Штип, од км. 217+818 до км. 219+918, од 15.01.2016 година од 08:00 – 16:00 часот ПРО ГЕО ДОО КУМАНОВО се вршат геодетски мерења согласно добиените дозволи. Имено, се врши геодетско снимање на асфалтниот дел од трупот на патот на потегот од клучка Штип до с. Три Чешми. Сообраќајот во моментот на мерењето се одвива согласно Сообраќаен проект за времено одвивање на сообраќајот и со соодветна сообраќајна сигнализација.
Г.Д.Гранит А.Д.Скопје,ОЕ – Нискоградба Исток од 11.12.2015 започна со реконструкција и надградба на автопат, делница Смоквица – Гевгелија, како дел од Коридорот 10. Ве известуваме дека сообраќајот се одвива под времен режим.
Градежното Друштво “Гранит” АД Скопје (Р.Е. Свети Николе – Штип) изведува градежни работи на магистралниот пат А4, делница Свети Николе – Штип од 26+396,00 до 47+107,00 км. Се планира целосното затворање до целосно завршување на активностите (период од 2 години) на делницата, на потег км 28+520 (Свети Николе) до км 38+500 (постојана клучка Кадрифаково), со пренасочување на сообраќајот преку регионалниот пат P 1204.
Поради извршување на градежни активности на државниот пат А3, делница Велес – Кадрифаково, сообраќајот се одвива под времен режим на сообраќај, и тоа:
– од крајот на трета лента (депонија Велес) до с. Лозово,
– и од с.Лозово преку с.Сарамзалино до клучка Кадрифаково.
Друштвото АСФАЛТ ДОО Скопје известува дека поради изведување на градежни работи за изградба на електронски систем за наплата на наплатна станица Романовце, во периодот од 12.01.2016 до 12.07.2016 на магистрален пат А1, делница Куманово – наплатна станица Романовце и обратно, сообраќајот се одвива согласно Одобрението за времен режим на сообраќај бр. 11-уп-143/4 од 12.01.2016 издадено од Министерството за транспорт и врски на Р. Македонија.
Од АМСМ ги предупредуваат возачите да пристапуваат внимателно и со намалена брзина кон местата на кои се изведуваат работи на пат и да се придржуваат кон упатствата од новопоставената сообраќајна сигнализација.
На сите патни правци каде се изведуваат градежните работи поставена е соодветна патна и сообраќајна сигнализација.
На регионалниот пат Р-2137 пред населено место Војшанци, поради деформации на мостот (за возила со вкупна маса над 5 тона) сообраќајот се пренасочува преку мост на река Вардар, врска А1 со Р-2137 (Демир Капија – Корешница – Војшанци).
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата. Оваа информација се однесува само за македонската страна на премините.