Поранешен челник на Ватиканската банка осуден за финансиски криминал

Ватиканскиот суд во четвртокот го прогласи виновен Анџело Калоиа, поранешен челник на банката на Светата столица, поради проневера и перење пари, осудувајќи го на затворска казна од осум години и 11 месеци.

Осумдесет иедногодишниот Калоиа беше претседател на ватиканската банка, чиешто официјално име е Институт за религиски работи (IOR), во периодот од 1999 до 2009 година. Со пресудата донесена во четвртокот Калоиа стана највисокиот функционер во Ватикан досега осуден за финансиски криминал.

Покрај него, осудени се и 97-годишниот Габриеле Лиуѕо и неговиот 55-годишен син Ламберто Лиуѕо, адвокати кои во споменатиот период биле советници на банката.

Тројцата се прогласени виновни поради проневера на пари при продажбата на недвижнини во Италија во сопственост на банката во периодот од 2001 до 2008 година. Според обвинението, тие пријавувале многу пониски цени на продажбата, а за себе присвојувале десетици милиони евра од разликите во цените.

Постариот Лиуѕо доби иста казна како и Калоиа, додека синот Ламберто Лиуѕо доби пет години и два месеци затвор. Сите тројца во текот на судењето кое започна во 2018 година тврдеа дека се невини.