Поранешен младински репрезентативец на Југославија изврши самоубиство

Поранешниот млад фудбалски репрезентативец на Југославија и олимпиец, 38-годишниот Миљан Мрдаковиќ, извршил самоубиство во стан во Белград во кој живеел со девојката, пренесуваат во саботата белградските медиуми.

Според наводите на белградски Курир.рс, Мрдаковиќ седнал на креветот, рекол дека „не може повеќе“ и го земал пиштолот. Неговата девојка побегнала од станот и повикала полиција. Кога дошле полицајците го затекнале неговото безживотно тело со прострелна рана во главата.

Поранешниот напаѓач во текот на кариерата настапуваше за десетина клубови, а трипати се враќаше во ОФК Белград, каде и ја заврши кариерата во 2017 година. Инаку роден е во Ниш, а во тамошниот Раднички ги направил првите фудбалски чекори. Потоа настапуваше за младинските категории на белградски Партизан и белгиски Андерлехт, пред првпат да заигра за ОФК Белград.

Ги носеше дресовите на Андерлехт, Гент, Австрија Салцбург, Макаби Тел Авив, Металист Харков, Виторија Гимараеш, Аполон, Шандонг, АЕК Ларнака, Левадијакос и Војводина.

Мрдаковиќ беше младински репрезентативец на Југославија, а има и три настапа за репрезентацијата на Србија на Олимписките игри во 2008 година во Пекинг. Тогаш беше еден од трите постари играчи покрај Александар Живковиќ и Владримир Стојковиќ со кои ги одигра сите три натпревара во групната фаза.

Србија на тој фудбалски турнир го освои четвртото место во Групата А, зад Аргентина, Брегот на слоновата коска и Австралија, освојувајчи еден бод. Во поразот 2:4 од Брегот на слоновата коска, Мрдаковиќ беше стрелец на еден погодок.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.