Поранешната контроверзна финска премиерка Сана Марин, која загуби на изборите во април и се откажа од водството на партијата минатата седмица има намера да се приклучи на Институтот за глобални промени предовден од поранешниот британски премиер Тони Блер, потврди таа во четвртокот.
Марин официјално побара дозвола да го напушти своето место во парламентот, соопшти нејзината централно-левичарска Социјалдемократска партија.
„Мислам дека ова е задача од која ќе има корист и цела Финска“, рече Марин, неисклучувајќи ја можноста да учествува на идните избори или да се кандидира за врвни функции во Европската унија. Засега, додаде таа, нема такви планови.
Премиерка на Финска стана во 2019 година, на 34-годишна возрас. Откако ја водеше земјата за време на пандемијата и придружните економски турбуленции, таа стана жесток поддржувач на Украина по руската инвазија и го водеше проектот Финска да се откаже од децениската декларативна воена неутралност и да стане членка во НАТО.
Марин се појави на насловните страници на списанијата Vogue и Time, има милион следбеници на социјалната мрежа Instagram, а обожавателите ширум светот ја гледаат како пример за таканаречените „прогресивни лидери“.
Сепак, загриженоста меѓу финските гласачи за егзистенцијалните прашања, како што се неконтролираната миграцијата со губење на работните места и растечкиот јавен дефицит кој се одразува врз животниот стандард, доведоа до очекуваниот расплет десничарската Национална коалиција заедно со крајнодесничарската Партија на Финците да ја поразат Марин на изборите во април, чија влада потоа падна.
Таа се соочи со неколку скандали во текот на нејзиниот мандат, вклучително и излегување во ноќен клуб среде пандемијата кога остатокот од државате мораше да се придржува до строгото „затворање“, одржување приватни забави во официјалната резиденција и доброволно поднесување тестови за дрога, откако видеото од забавата кое посочуваше на такво однесување протече во медиумите.
Резултатот од тестот бил негативен, објави тогаш Марин, а им се извини на Финците кога се појави фотографијата од забава во премиерската крајбрежна резиденција со две познати инфлуенсерки, кои голите гради ги прекриле со натпис „Finland“.
Марин по поразот на изборите изјави дека се радува на помирен живот, а подоцна објави и дека се разведува од сопругот. Официјално треба да го предаде водството на партијата во петок, откако социјалдемократите ќе изберат нов лидер. Марин ќе остане пратеник, а се ангажираше и како спикер во американска агенција.