Поранешни војници со наполнети 45 години велат дека се изманипулирани: Останавме на минимална плата

Поранешни војници со наполнети 45 години обвинуваат дека се изманипулирани од Министерството за одбрана и дека иако им било ветено прераспределување во други институции со повисока плата и бенефиции, тие, како што тврдат, останале на недостоинствени позиции со минимална плата.

Петко Марковски, поранешен војник со наполнети 45 години денеска изјави дека минатата година, во јануари, им било ветено од министерката  за одбрана Радмила Шеќеринска и од државниот секретар Драган Николиќ дека ќе бидат прераспределени во пожарна, затворска, судска полиција или други институции со повисока плата и бенефиции, но тоа не се случило.

– Дали министерке по партиски клуч се вработуваат дел од луѓето како цивилни лица во АРМ и на други позиции. И покрај се што ни беше понудено да прифатиме од наша страна, останавме на минимална плата и на недостоинствени работни места. Ако вие не го решите нашиот проблемот во најкус рок ние ќе бидеме принудени да продолжиме со протест се до наше решавање – изјави Марковски.

Државниот секретар во Министерството за одбрана Драган Николиќ уверува дека ниту еден професионален војник со наполнети 45 години нема да остане незгрижен, а неговиот статус нерешен.

– Отвораме нови можности преку пополнување на противпожарната територијална единица низ целата држава – рече Николиќ и нагласи дека законските измени се во завршна фаза во Собранието и додаде оти се отвора нова можност за решавање на статусот на професионалните војници преку изборот што ќе го имаат сами, а тоа е околу отпремнината и продолжување на нивната втора кариера во органите на државна упарава и органите на локална самоуправа.

– Апелирам Собранието час поскоро да ги изгласа овие законски измени и со тоа да им се овозможи на професионалните војници да можат да имаат и дополнителна опција – изјави Николиќ.