8.8 C
Skopje
среда, април 24, 2024

Поранешниот француски премиер го испитуваат за коронакризата, претрес во неговиот дом

Полицијата извршила претрес во домот и канцеларијата на поранешниот француски премиер Едуард Филип како дел од истрагата за управување со епидемијата на коронавирус во која учествувале и некои министри.

Актуелниот премиер Жан Кастекс изрази „целосна“ поддршка за министерот Веран.

„Наутро, напладне, навечер тој секогаш беше на линијата на фронтот, секогаш на линијата на фронтот, не го штедеше ниту своето време, ниту своето големо знаење“, рече Кастекс.

Судот отвори истрага во август откако биле поднесени повеќе од 90 тужби против министрите и премиерите за наводното лошо управување со здравствената криза предизвикана од епидемијата на коронавирус.

Во Франција, ковид-19 однесе повеќе од 33.000 животи.

Претседателот Емануел Макрон го отпушти премиерот Филип (десен центар) во јули по три години на функцијата. Филип, кој сега работи како градоначалник на Ле Авр, сè уште е најпопуларниот политичар во анкетите.

Истрагата следува еден ден откако Макрон најави полициски час во Париз и осум големи градови во траење од шест недели во обид да се спречи ширењето на епидемијата.

Граѓаните кои ќе се најдат надвор кога ќе стапи на сила полицискиот час во вечерните часови, ќе треба да имаат потврда дека излегле на работа или од некоја важна причина, како што беше случајот при првата блокада на почетокот на оваа година, која траеше 55 дена.

Околу 12.000 полицајци и жандарми ќе го следат спроведувањето на полицискиот час, изјави министерот за внатрешни работи Жерар Дарманин.

Некои ограничувања кои сега се во сила за Париз ќе се прошират низ целата земја, како што е забраната за собири и прослави, рече Кастекс. Рестораните нема да можат да примат повеќе од шест лица на маса.