Поранешниот шеф во УБК, Тони Јакимовски бара ослободителна пресуда: Не сум сторил никакви пречекорувања во своите овластувања

Тони Јакимовски, поранешен шеф во УБК на денешното рочиште во судскиот процес за нелегалното прислушување „Таргет Тврдина“ побара ослободителна пресуда затоа што според него делата за кои го обвинува Обвинителстото не се кривични дела, туку постапки пропишани со закон, јавува Плусинфо.мк.

Јакимовски, барањето за ослободителна пресуда го образложи со тврдење дека не сторил никакви пречекорувања во своите овластувања, туку дека постапувал како што пропишуваат законите за проблематиката за која тој бил одговорен.

– Татко сум на две деца, немам ниту една дамка во мојата кариера во АРМ и во УБК – рече Јакимовски барајќи ослободителна пресуда.

Тој претходно во детали објасни зошто смета дека Обвиниелството не приложило докази за вината што му ја препишува и дека врз основа на обвинителниот акт, како што рече, не може да се искаже елементарна правна критика, а камоли пресуда.

– Обвинителството ниту со материјален, ниту со вербален доказ не покажа како сум ги пречекорил своите овластувања при формирањето на Комисијата за попис, расходување, уништување и бришење од евиденција на системи и техничка опрема во УБК или дека сум го оштетил буџетот – рече Јакимовски, додавајќи дека Обвинителството „ намерно или случајно“,  погрешно го протолкувало предлогот за ништење на опремата за прислушување.

Обвинителите Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов, пред два дена, во своите завршни зборови побараа максимални казни за создавачите на групата која е обвинета во случајот за нелегалното прислушување, а за останатите побара осудителна пресуда и во одмерувањето на казните да се земат предвид отежнувачките и олеснителните околности.

Во „Тарге Тврдина“ обвинети се поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, поранешниот началник на  Петтата управа во УБК, Горан Грујевски, началничката од МВР, Надица Николиќ, и Гордана Јанкулоска, поранешна министерка за внатрешни работи која е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластување во делот на уништувањето на еден од системите за прислушување во УБК, додека во делот на незаконското прислушување таа се јавува како оштетена.

Пред Јакимовски, во судницата свои завршни зборови имаше Јанкулоска.

Јас најмалку сум имала мотив за овој монструизен чин на масовно кршење на човековите права, рече Јанкулоска во своите завршни зборови денеска.

-Јас и моето семејство трпиме огромни последици, јас како жртва добив обвинение. Мојата совест е чиста. Почитувани судии не дозволувајте нечија желба за одмазда да ја потисне правдата бидејќи само вие имате моќ да донесете праведна одлука – рече Јанкулоска.

Објавувањето на приватни комуникации и разговори кои и денес се присутни како и медиумскиот линч кон мене, се само дел од последиците кои ги трпиме, додаде Јанкулоска, која е на издржување на затворската казна за случајот „Тенк“.

-Јас лично сум жртва на незаконското прислушување и имам над 23 илјади прислушувани разговори од моите телефонски броеви и уште толку СМС пораки – додаде Јанкулоска и побара ослободителна пресуда.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.