Поранешниот тајвански претседател Ма Јинг-џеу планира историска посета на Кина

Поранешниот тајвански претседател Ма Јинг-џеу следната седмица ќе отпатува во Кина, со што ќе стане првиот некогашен или сегашен тајвански челник кој ја посетил земјата којашто островот го смета за своја одметната покраина.

Патувањето на Ма е најавено во периодот на зголемените тензии меѓу Кина и Тајван, поддржан од САД, кој има своја влада од 1949 година кога поразените националистички војски во граѓанаската војна се повлекуваат на островот. Но Пекинг и натаму островот го смета за своја територија и жестоко реагира на политичките контакти на трети земји со властите во Тајпеј.

Најавувајќи ја посетата, Хсиао Хсу-џен, директор на Фондацијата за култура и образование на Ма Јинг-џеу, изјави на прес-конференција во понеделникот дека нема планови Ма да ги посети Пекинг.

Ма ќе предводи делегација од поранешни тајвански функционери и студенти, којашто ќе посети неколку кинески градови, меѓу кои се Нанџинг, Вухан, Чангша, Чунгкинг и Шангај. Покрај тоа, најавено е дека може да им оддаде почит на своите предци во провинцијата Хунан во текот на претстојниот Фестивал на чистењето на гробовите.

Тајванската владејачка Демократска прогресивна партија (DPP) во понеделникот веднаш ги критикуваше плановите на Ма и рече дека тој потег „не е во согласност со јавната волја и националните интереси на Тајван“.

Канцеларијата на тајванското претседателство, исто така, во понеделникот во соопштение порача дека Ма би требало „да се однесува согласно националните интереси на Тајван“, како и да ги „одразува чувствата на тајванскиот народ“ во текот на патувањето.

Ма, кој доаѓа од Кинеската националистичка партија (КМТ) – Куомитан, којашто традиционално заговара потесни врски со Кина и покрај тоа што всушност истоименото движење по поразот во граѓанската војна со Комунистичката партија на Кина во 1949 година пребегна на островот, беше претседател на Тајван во периодот од 2008 до 2016 година. Во неговите мандати од двете страни на Тајванскиот теснец имаа релативно добри односи. Кон крајот на 2015 година Ма се сретна си кинескиот претседател Кси Џинпинг во Сингапур.

Кина ја прекина целата комуникација со водството на Тајван во јуни 2016 година, еден месец откако должноста претседателка ја презема Цаи Инг-вен којашто во ноември минатата 2022 година се повлече од челното место на DPP по големиот пораз од KMT на локалните избори.