Поранешната директорка на Археолошкиот музеј доби отказ за време на боледување и без известување

Довчерашната директорка на Археолошки музеј и раководител на секторот за стручни работи, Веселе Честоева, од новата власт добила отказ додека била на боледување и без да биде известена, и најави дека правдата ќе ја бара на суд, и во саботата во разговорот за телевизијата ТВ Нова оцени дека ваквата одлука на новата Влада е класичен политички ревашизам и покрај нејзината елоквентност.

Честоева рече дека при рутинска контрола кај медицинско лице разбрала дека не ѝ е платено здравственото осигурување, со што се посомневала оти е отстранета од позицијата раководител на секторот за стручни работи. Потоа од Агенцијата за вработување ѝ потврдиле дека веќе е одјавена од работното место, но не добила решение за отказ.

„Ова се случи вон сите законски норми, додека сум на боледување. Ваквата одлука за мене претставува класичен политички реваншизам и елиминација на политичките неистомисленици. Бев првиот директор на Археолошкиот музеј и ја основав таа институција што за мене е гордост. Од самото отворање, музејот го имаат посетено над половина милион посетители, меѓу кои голем број странци, изложени се над 8.000 артефакти, организиравме безброј настани. Во 2015 година аплициравме за наградата ЕМА, каде археолошкиот музеј зазема 7 место во рамки на Европа, што е доказ дека влогот на државата бил исплатлив“, рече Честоева.

Додаде дека новиот министер за култура Роберт Алаѓозовски двапати испратил трудова инспекција по нејзиниот избор за раководител на секторот за стручни работи, иако изборот бил спроведен законски.

„Засновав работен однос на 8 јуни како раководител на секторот, согласно законот, со потврда од антикопрупциска, со распишан оглас и транспарентна постапка. Откако истече мојот мандат за директор, конкурирав за раководител. Потоа беше повикана трудова инспеција којашто констатираше дека нема никаков проблем за реализација на тоа вработување. Незадоволен од тоа новиот министер Алаѓозовски пушти зајакната инспеција повторно. Сега тие се повикуваат на записник дека сум одјавена од трудова инспекција што не е доказ и следи решение врз основа на тој записник кој не го исчекаа. Се работи за класичен политички реваншизам, имајќи предвид што сум поранешен пратеник, меѓутоа професионалец во својот дел – археолог по професија. Ќе го барам моето право на суд, постапката не е законска“, заклучи Честоева.