Поранешниот директор на МЕПСО купил стан кој требало да биде замрзнат во истрагата на СЈО за Поштенска банка

Дали специјалната обвинителка Катица Јанева му овозможила на сега веќе разрешениот директор на МЕПСО Сашо Василевски да купи стан на атрактивна локација во Скопје по багателна цена? Оваа дилема се појави откако порталот а1.он објави истражување кое покажало дека станот од 109 метри квадратни бил купен за само 80.000 евра од фирмата “Бентон Дооел”  од Гевеглија, сопственост на Томе Главчев, осомничен во случајот на СЈО, Поштенска банка, а зделката била склучена 17 дена по отворањето на истрагата.

Во текстот, чиј автор е новинарот Васко Маглешов стои дека Катица Јанева, која важи за близок човек на Василевски, кажала тој стан да не биде замрзнат, бидејќи наводно бил проблематичен.

„Ние не тврдиме ништо, само потенцираме дека има сомнителни факти кои што се во овој случај изложени однсоно дека кореспондира незамрзнувањето на станот на осомниченото физичко и правно лице во овој случај со купувањето на станот. Дали е тоа случајно или не, претопставувам дека има органи на прогон што тоа можат да го утврдат“, вели за Канал 5 новинарот Васко Маглешов.

Маглешов дополнително открил дека дополнително спорно е што и самиот нотар каде што бил заверен купопродажниот договор ја алармирал Управата за финансиско разузнавање, откако се посомневале во ниската цена, но Управата  не нашла ништо спорно во договорот.

Станот на Василевски се наоѓа во оваа зграда позади мене на улицата Орце Николов во скопски Карпош.. Според изводот од катастарот станот е на површина од 109 метри квадратни и пет квадрати гаража.

Канал 5 го контактираше и Василевски, но тој не сакаше да зборува пред камера.. Во разговорот уверуваше дека успеал да дојде до цената од 730 евра по метар квадратен во меѓусебен договор со Главчев, со кого од претходно се познавале, но и поради тоа што зградата не била нова… Василевски тврди дека нема ништо спорно, па затоа не ја криел сопственоста и ја пријавил на свое име и во Антикорупциска.. Тој не го негира познанството со Јанева, но уверува дека односот им е професионелен..

Клучното прашање кое треба да го одговори СЈО сега е зошто кога била отворена истрагата за Поштенска Банка не бил замрзнат и овој стан..