Поранешниот италијански премиер Берлускони повторно на суд

Поранешниот италијански премиер, 82-годишниот Силвио Берлускони, против кого се водат неколку судски постапки, во петокот повторно беше повикан на суд поради обвинение за подмитување сведоци во судењето за проституција, кое треба да се одржи пред судот во Бари на 4-ти февруари.

Случајот се одигрувал во 2008 и 2009 година кога младиот и амбициозен претприемач во Бари, Џампаоло Тарантини, носел ескорт девојки на прославите организирани во резиденциите во Рим и на Сардинија во сопственост на Силвио Берлускони, за да добие проекти по препорака на тогашниот италијански премиер.

Тарантини, кому му се суди за поттикнување на проституција, е осуден на првостепен суд на осум години затвор, но постапката уште трае на апелацискиот суд.

Берлускони истовремено е обвинет дека на претприемачот му платил за на судењето да ги премолчи интригантните информации за раскалашените забави. Обвинителството тврди дека Берлускони на Тарантини му дал „стотици илјади евра, правна помош, како и бизниси“ за да лаже пред судиите.

На поранешниот италијански премиер веќе му се суди за подмитување свдоци во Милано, Сиена, Рим и Торино. Обвинет е дека со милиони евра го купувал молчењето на учесниците и учесничките во таканаречените „бунга-бунга“ забави.

Како и во другите предмети, медиумскиот магнат не криеше дека на Тарантини му исплатил пари, велејќи дека „само помогнал на човек и семејство со деца кои биле и уште се во големи финансиски тешкотии“,

„Сигурни сме дека Берлускони по почетокот на судењето брзо ќе биде ослободен“, коментираше за дневниот весник La Repubblica неговиот познат адвокат Николо Гедини.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.