Пораз на „Хјустон“ на стартот, десет поени во дебито за Дончиќ

Дебито на Словенецот Лука Дончиќ и поразот на „Хјустон Рокетс“ ги одбележаа ноќешните натпревари на стартот од  сезоната во НБА лигата.

Најперспективниот европски играч во својот прв меч во најсилната лига постигна десет поени во поразот на „Далас“ 100:121 на гостувањето во Феникс. Дончиќ имаше и осум скока и четири асистенции, но лош процент з шут од 31 отсто, поради пет промашени шута од исто толку обиди за три поени. Кај „Феникс“ најефикасен беше Девин Букер со 35 поени. Првиот пик на драфтот, Деандре Ејтон за домаќините имеше одлично деби со 18 поени, десет скока и шест асистенции.

„Хјустон“ запиша пораз на отворањето на сезоната и тоа на домашен терен од „Њу Орлеанс“ со 112:131. „Пеликанс“ до победата ги водеше Ентони Дејвис со 32 поени и 16 скока, додека Никола Миротиќ дополни со 30 поени. Најдобар кај „Рокетс“ беше Ерик Гордон со 21 поен. Потфрлија Џејмс Харден со  18 поени, а Крис Пол имаше 19 поени. Новата ѕвезда на екипата, Кармело Ентони имаше само 9 поени за 27 минути игра.

Во останатите натпревари „Денвер“ славеше на гостински терен против „ЛА Клиперс“ со 98:107, а Србинот Никола Јокиќ беше најефикасен со 21 поен, пет асистенции и осум скока. Кај домашните најефикасен беше Харис со 19 поени и 10 скока.