Пораз на Милан во Удине, реми на Рома со Џенова

Екипите на два фаворита во неделната пограма од првото коло од италијанското фудбалско првенство не успеаја да ја оправдаат улогата, Милан минимално беше поразен на гостувањето кај Удинезе, Рома на својот „Олимпико“ и покрај трите водства остана без победа, а колото го одбележаа новите три гостински победи.

Единствениот погодок во Удине го постигна во 73 минута бразилскиот бек Родриго Бекао по изведен корнер.

Римската „Волчица“ трипати беше во водство на мечот со Џенова, но не успеа да ја впише стартната победа. Рома поведе во 7 минута преку Ундер Ченгиз, а десет минути подоцна израмни Андреа Пинамонти. Во 31 минута Един Џеко носи ново водство за домашните, но до крајот на првиот дел во 44 минута од пенал израмни Доменико Крисчито. Александар Коларов во 50 минута одново ја донесе предноста за Рома, но Кристијан Куаме во 71 минута ја затвори голеадата на „Олимпико“ без победник.

Без победник заврши и дуелот меѓу Верона и Болоња. Крајниот резултат 1:1 беше постигнат уште во првото полувреме, откако во 16 минута гостите поведоа по реализирањето на ударот од белата точка од страна на Никола Сансоне, а домашните израмнија во 39 минута преку Велосо Мигуел.

Откако во саботата новата сезона во Серија А со победи на гости ја отворија ланскиот шампион Јувентус, против Парма со 1:0, и вицепрвакот Наполи кај Фиорентина со 4:3, и во средата гостинските екипи имаа повеќе успех.

Лацио беше убедлив со 3:0 на гостувањето кај Сампдорија. Двоен стрелец на римските „небесносини“ беше Чиро Имобиле, во 38 и 63 минута, а прецизен беше во 57 минута Жоакин Кореа.

Бреша со голот на Алфредо Донарума од пенал во 55 минута го изненади домашниот Калјари.

Аталанта, пак, со пресврт со 3:2 го победи СПАЛ на негов терен. Откако домашните поведоа со два гола предност, преку Федерико Франческо во 7 и Андреа Петања во 27 минута, гостите до крајот на првото полувреме успеаја да намалат со голот на Робин Госенс во 35 минута, а потоа за само пет минути, во 71 и 76 минута, целосен пресврт направи Луис Муриел.

Честа на домаќините во првото коло ја спаси Торино кој со 2:1 го победи Сасуоло. За Торино двоен стрелец беше Симоне Заза, во 15 и 56 минута, а за гостите погоди Франческо Капуто во 70 минута.

Колото го затвораат во понеделник вечер Интер и Лече со дуелот во Милано.