Пораз на Монако, реми на Марсеј

Фудбалерите на Бордо го победија Монако со 2:1 во средбата од третото коло на француското фудбалско првенство, додека Марсеј и Рен одиграа без победник 2:2.

Творец на победата на Борdо беше двојниот стрелец Камано, кој прво погоди од белата точка во 48 минута, а победата ја донесе во втората минута од судиското продолжение, откако Монако израмни во 68 минута преку 17-годишниот италијански напаѓач Пјетро Пелегри. Домашните можеа да дојдат во водство и порано, но во 86 минута пенал не реализираше Самуел Калу.

Во последниот неделен натпревар Марсеј и Рен одиграа 2:2. Гостите по првото полувреме водеа со 2:0, со голивите на Бурижо во 38 и Сар во 45 минута, но потоа Олимпик Марсеј дојде до бод преку Окампос во 54 минута и автоголот на Бенсебени во 72 минута.

Претходно Лил со 3:0 го совлада Гинган, а головите ги постигнаа Ксека во 7 и Бамба во 10 и 74 минута.

Во петокот Лион го победи Стразбур со 2:0, а во саботата беа постигнати следните резултати: ПСЖ – Анжер 3:1, Нант – Каен 1:1, Амиен – Ремс 4:1, Ница – Дижон 0:4 и Тулуз – Ним 1:0.

На табелата водат актулениот шампион ПСЖ и најголемото позитивно изненадување досега Дижон со по максимални девет бодови.