Пораз на МЗТ Скопје, но целта е остварена

МЗТ Скопје не успеа да ја освои титулата во АБА 2 лигата откако вечерва по голема борба и во меч со едно продолжение загуби од Златироб со 78-73, сепак целта е остварена, македонскиот тим се врати во јадранската елита.

Со самиот пласман во финалето МЗТ Скопје избори учество во АБА 1 лигата, но сакаше настапот на завршниот турнир да го заврши и со титулата во АБА 2, сепак таа оди за најголемото изненадуање, тимот на Златибор.

Клучна беше првата четвртина во која МЗТ Скопје одигра очајно и ја загуби со неверојатни 20 поени разлика, беше 31-11 за Златибор. Во текот на вториот период српскиот тим имаше и највисоки 21 разлика, 40-13, отогаш нашиот тим почна да ја намалува негативата. На полувремето беше 50-36 за Златибор.

МЗТ Скопје првото водство го имаше во последниот период, водеше и 72-70, Златибор изедначи на 72-72 што беше и конечен резултат во регуларниот тек, Мекиќ промаши зицер за победа, па се играше продолжение. Во продолжението за пет минути МЗТ Скопје постигна само 1 поен, Златибор 6, и победи со 78-73.

Војдан Стојановски со 14 поени беше најефикасен во составот на МЗТ Скопје, Мекиќ, Николов и Дејвис постигнаа по 12. Најдобар на теренот беше Душан Кутлешиќ од Златибор со 33 поени, тој беше прогласен и за МВП на турнирот.

Трофејот оди во витрината на Златибор, но тие ќе треба да одиграат дополнителен бараж дуел со најслабата српска екипа во АБА 1 лигата, а МЗТ Скопје директно се пласира таму.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.