Пораз на ракометната селекција на Исланд

137
(Фото: http://macedoniahandball.com.mk)

По уверливата победа пред три дена во Скопје од 30:25, македонската ракометна селекција во возвратниот дуел кај Исланд е поразена со 29:30 во рамките на квалификациите за Европското првенство коешто идната 2018 година ќе се игра во Хрватска.

Ова е втор пораз на македонската репрезентација во квалификациите, а прв за новиот селектор Раул Гонзалес кој дебито го имаше исто така против селекцијата на Исланд, кој е резултат, во прв ред, на падот во играта во второто полувреме.

По супериорната игра во првиот дуел со истиот противник, македонските ракометари сигурно го започнаа и мечот во Рејкјавик. На голот повторно се истакнуваше Борко Ристовски кој на самиот старт го одбрани седмерецот на Сигурдсон. И во обратна насока екипата функционираше, голот на Исланѓаните беше напаѓан од сите позиции предводени од Лазаров и Миркуловски, а Стоилов на пикерската позиција ја збунуваше домашната одбрана, а се придодаде и Манасков кој во првото полувреме постигна четири голови.

Таквата игра резултираше со водствата на македонската селекција од 4:2 и 5:3, а во 15 минута разликата изнесуваше три гола, односно 9:6 и подоцна 10:7. Но следуваше пад кој Исланд го искористи за да дојде до изедначување 10:10, а набрзо и поведоа со 14:12. Но Македонците се разбудија па на полувреме резултатот беше израмнет 16:16.

Изедначената игра продолжи и на почетокот од второто полувреме, кога се истакнаа голманите Густавсон и Ристовски кој успеа да запре неколку ткн зицери недозволувајќи им на домаќините резултатски да се одлепат. Сепак, македонската одбрана премногу лесно им овозможуваше на противниците да доаѓаат до позиции за удар на голот.

Во тие моменти во идентични акции не санкционираа пробивања врз Манасков, по што десното крило Халгримсон лесно реализираше, а Исланд поведе со два гола разлика (23-21). Следеше исклучување на Манасков, а потоа и наивни грешки во  нападот, по што Исланд постигна два гола во празна мрежа и првпат поведе со три гола разлика (25-22). Грешките зачестија, а по водството на Исланд од 26-22 домаќините имаа и зицер да ја зголемат предноста на пет голови но Ристовски повторно беше на ниво, пред Миркуловски да намали на 26-23.

Исклучен во 52 минута беше Стоилов, а по грешката на капитенот Лазаров домашниот голман Густавсон го постигна својот втор гол на натпреварот во празната мрежа на Македонија. При следниот напад на домаќините две минути доби и Миркуловски, но Ристовски имаше одлична интервенција при 26-22, кога имавме двајца играчи помалку во поле. Во вистински момент блесна Филип Лазаров, кој со два гола ја врати нашата селекција во игра, принудувајќи го Свеирсон на тајмаут при резултат 26-24, на нешто повеќе од пет минути до крајот.

Гунарсон од пенал ја прекина мини серијата на Македонија, но од иста позиција возврати Кире Лазаров, но потоа кога беше најпотребно за Исланд погоди Арон Палмарсон, кој со својот трет погодок ја осигури победата на домашната селекција. Гоце Георгиевски постигна значаен гол за да не дозволи поубедлив пораз, на дваесет секунди до крајот прецизен беше и Кире Лазаров, но тоа беше доволно само за минимален пораз од 29:30, бидејќи домаќините рутински си ги одработеа последните моменти од овој натпреварот.

Кире Лазаров со осум голови беше најефикасен во македонската селекција, пред Манасков со шест и Миркуловскси и Стоилов со по пет гола, додека Борко Ристовски беше одличен на голот со 15 успешни интервенции.

И покрај поразот, Македонија во однос на Исланд има предност поради поубедливата победа од пет голови на домашен терен, што би можело да биде од значење доколку двете селекции имаат ист број бодови.

По четири одиграни кола сите четири селекции од групата имаат идентичен скор од две победи и два пораза. Македонија во петтото коло гостува во Украина, а во решавачката шеста рунда нашата национална селекција ќе ја пречека Чешка.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.