ПОРАЗИТЕЛНА СТАТИСТИКА: За само три недели Македонија со над 3.000 заразени

За само три недели бројот на заразени од коронавирусот во Македонија се дуплираше. Статистиката на Министерството за здравство покажува дека во земјава во изминативе три недели потврдени се повеќе од 3.000 нови случаи на заболени од ковид – 19. Волкав број на болни беа регистрирани во период од три месеци од кога беше потврден првиот случај па се’ до почетокот на јуни.

Официјалните бројки говорат дека до седми јуни во земјава вкупно се потврдени 3.045 случаи на заразени од вирусот и оценката беше дека Македонија добро се справуваше со епидемијата. Но, оттогаш речиси секојдневно се бележат трицифрени бројки на заболени кои во некои денови достигнуваат речиси и до 200 нови случаи дневно. Анализа на статистиката за јуни покажува дека само во два дена имавме број на новозаболени под 100, додека останатите денови се бележеа далеку повисоки бројки.

Последните податоци од здравствените власти се дека во Македонија досега се потврдени 6.092 заразени. Само во изминатите 24 часа позитивните на тестирањата за коронавирусот се покажале 176 лица. Последните бројки се алармантни и по тоа што висок е процентот на позитивни од вкупниот број на тестирани. Поточно од 870 тестирани дури 20 отсто од нив се позитивни.

Во моментов активни се повеќе од 3.400 случаи, од нив најголем дел во Скопје. Досега како излекувани се водат 2.316 лица.

Драматичен раст и на бројот на починати

Дека од почетокот на јуни ситуацијата со епидемијата е далеку од под контрола, како што тврди министерот за здравство, Венко Филипче говорат и бројките за починати лица.

Така во истиот период од три недели кога бележиме удвојување на вкупниот број на заболени имаме драматичен пораст и во бројот на починати. Од седми јуни до 28-ми јуни вкупно како последица на вирусот починале 133 лица.

Како и кај бројот на заболени и во случајот со починати бројката е двојно поголема во споредба со првите три месеци од почетокот на епидемијата. На седми јуни вкупниот бројот на жртви на коронавирусот во Македонија изнесува 153, а последната бројка е 283 починати.

Македонија со повеќе нови случаи од Италија

Со последните податоци за новозаболени Македонија ја надмина и Италија, којa до неодамна важеше за најголемо жариште на коронавирусот во Европа. Италијанските здравствени власти во изминатите 24 часа потврдиле 174 новоинфицирани, додека оваа бројка во Македонија изнесуваше 176.

Италија долго време ги имаше најстрашните бројки во Европа, при што дневен рекорд ѝ беше 950 новозаразени. Од почетокот на кризата, во Италија има над 240.000 заразени и речиси 35.000 починати.