Породилното отсуство на мајките ќе трае до завршувањето на времените мерки

Министерството за труд и социјална политика денеска соопшти дека мајките кои се на породилно отсуство треба да бидат спокојни – се додека траат времените мерки тие не мора да се вратат на работа.

– За да се обезбеди заштита и грижа за децата, Владата на Република Северна Македонија донесена Уредба со законска сила за примена на Законот за работните односи (“Сл. весник на РСМ” бр. 90), во која со членот 4 е предвидено надоместокот на плата за отсуство од работа на работничка поради бременост, раѓање и родителство и посвојување, да продолжи да се исплаќа до истекот на траењето на времените мерки за заштита од ширење и превенција од коронавирусот ковид-19 – се вели во соопштението од МТСП.

Остварувањето на правото на надоместокот се врши преку Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија.

– Одлуката за времетраењето и завршувањето на времените мерки ја носи Владата на Република Северна Македонија, по заклучоци од Главен координативен кризен штаб кој одлучува според препораките на Комисијата за заразни болести. Владата на Република Северна Македонија во континуитет ги следи состојбите и потребите кои се во интерес и заштита на децата за што благовремено ќе продолжи да ја информира јавноста – додаваат од министерството.

Министерството за труд и социјална политика укажува дека нивен врвен приоритет е грижита и заштитата на децата. Градејќи социјално праведно општество, обезбедуваат еднаков третман на сите деца и дека подеднакво се грижат за сите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.