Поротата го ослободи тинејџерот кој уби двајца во текот на немирите во САД

409

Поротата во петокот го ослободи Кајл Ритенхаус кој уби две лица и се обиде да убие и трето со полуавтоматска пушка во текот на протестите против полициската бруталност и расизмот во американската сојузна држава Висконсин во август 2020 година, пресудувајќи дека 17-годишникот тогаш пукал во самоодбрана.

Поротата составена од 12 членови пресуди дека Ритенхаус не е виновен за двете убиство, обид за убиство и намерно загрозување на јавната сигурност во текот на безредијата проследени со подметнати пожари и масовни грабежи на 25-ти август 2020 година во работничкиот град Кеноша, откако полицијата го застрела афроамериканецот Џејкоб Блејк при обид за приведување, кој остана парализиран.

Процесот ги поларизираше САД, при што особено до израз дојде поделбата во американското општество по прашањето на правото на носење огнено оружје. Случајот доби и политичка конотација, при што конзервативците тинејџерот го сметаат за херој, а демократската левица за застранување коешто произлегува од културата на носење оружје. Сепак, поголеми немири не го проследија целиот судски процес, главнo поради тоа што сите учесници во трагичниот настан беа белци.

Одбраната тврдеше и дека тинејџерот излегол на улиците на Кеноша за да ја штити приватната сопственост и дека пукал во напаѓачите стравувајќи за својот живот, во неколкудневните безредија во текот на ноќта во градот јужно од Милвоки. Обвинителите, пак, го обвинија Ритенхаус за вигилантизам. Тврдеа дека тој го предизвикал насилниот конфликт и дека не покажал каење за убиствата.

Ритенхаус беше ослободен од притвор со кауција од два милиона долари уште во ноември минатата година. По тридневното советување на судското сослушување во Медисон кое беше емитувано на интернет, и објавувањето на пресудата, тој не се појави пред малата група луѓе која се собра пред судот која мирно со транспренти бараше правда за него, а неговиот адвокат Марк Ричардс на онлајн прес-конференцијата изјави дека неговиот клиент си заминал дома.

Поротата расправаше четири дена пред да ја донесе одлуката, пред да го прогласи Ритенхаус за невин за кривичните дела. Но тој може да се соочи со граѓански тужби од семејствата на неговите жртви.

Немирите во Кеноша траеја неколку дена и беа особено насилни, поради што во градот беа испратени и припадниците на Националната гарда на Винсконсин, а полицијата користеше солзавец за рестерување на толпата. Според медиумите, тогаш 17-годишниот Кајл Ритенхаус бил дел од доброволците, самоорганизирани како и во другите делови ширум САД во периодот на масовните протести по убиството на Џорџ Флојд во мај таа година, за да ги заштитат своите дуќани и имоти од ограбувања.

Ноќта на 25-ти август 2020 година, Ритенхаус отворил оган од пушка во толпата која ги предизвикувала насилствата и која го нападнала. Жртви на тинејџерот биле 36-годишниот локален жител Џозеф Розенбаум и 26-годишниот Ентони Хабер од местото Силвер Лејк, а 36-годишниот Гајг Гроскројц бил полесно повреден и набрзо со опоравил. Покрај тоа, како што беше констатирано на рочиштата, Гроскројц во текот на конфликтот со Ритенхаис во раката држел пиштол. По пукањето Ритенхаус побегнал од местото на настанот, но подоцна ѝ се предал на полицијата во соседната сојузна држава Илиноис.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.